Претставуваме AUDI RS e-tron GT-СЕГАШНОСТА ЈА ПРЕСРЕТНУВА ИДНИНАТА

19/06/2021

НАПРЕДОКОТ НИЗ ТЕХНИКА НА AUDI ОТИДЕ ТОЛКУ ДАЛЕКУ ШТО НИ ЈА ДОНЕСЕ ИДНИНАТА НА ПРАГ СО RS E-TRON GT. ЕЛЕКТРОМОБИЛ КОЈ ЈА РЕИНТЕРПРЕТИРА КЛАСИЧНАТА ИДЕЈА ЗА ГРАНТУРИСМО, ВОЗБУДУВА СО ТЕХНОЛОГИЈАТА И БУДИ ЕМОЦИИ СО ДИЗАЈНОТ.

 

Јасно е дека иднината им припаѓа на електромобилите и дека тие никнуваат насекаде како печурки после дожд. Масовноста ја започна Tesla, а набрзо ја следеа и другите производители. Ниту Audi не е поразличен како дел од групацијата која веќе на улица има прилична бројка на модели што возат на струја. Познавачите на автомобилските збиднувања би помислиле дека RS e-tron GT не е ништо повеќе отколку еден препакуван Porsche Taycan. Тоа е очекувано бидејќи и двата автомобили се поставени на истата платфрома со кодна ознака Ј1, имаат ист систем со напон од 800 V, имаат иста батерија со капацитет од 93 kWh, иста адаптибилна суспензија, два мотори, двостепен менувач, слични перформанси…

Но, иако е така, Audi RS e-tron GT сето тоа го прави малку поинаку и, нуди поинаква претстава вредна за да ја реинтерпретира класичната идеја за еден грантурисмо во вистински смисол. Тоа го прави посебен и вреден за да го добие епитетот електромобил од иднината.

ЕМОЦИЈА ВО ДВИЖЕЊЕ

Нема двојби, RS e-tron GT бутка од нога и комплетно освојува со дизајнот. Еден е од најубавите автомобили кои се појавиле во последниве години. Виткото тело доаѓа од избалансираните пропорции: голема ширина, низок заоблен кров кој се спушта како капка вода, големо меѓуоскино растојание, широка трага и куси превиси. Како вистински грантурисмо RS e-tron GT делува како да „бришка“ дури и кога стои. Посебно кога се гледа одзади каде екстремно нагласените вдлабнатини од набабрените страници раширени како раменици на бодибилдер преоѓаат во тридимензионална светлосна група и се спуштаат кон браникот украсен со масивен дифузор.

Како скулптура извајана од рацете на умешен вајар RS e-tron GT делува како да е создаван одзади, кон напред. Линиите течно минуваат преку страниците спојувајќи го мускулестиот задник со лутата предница украсена со остри форми на отворите за воздух и огромни шкрги зад тркалата. Сето ова резултира со неверојатно низок коефициент на отпор на воздухот од 0,24.

АМБИЕНТ ШТО ОСВОЈУВА

Под идејата за класичен грантурисмо е создаден и амбиентот во внатрешноста. Се седи ниско во спортска позиција со испружени нозе. Масивната централна конзола ги одвојува возачот и совозачот, а арматура е свртена кон возачот со што се евоцира духот на класичниот GT. Кабината делува благородно направена со чувство за финеси како кај највреден накит. Седиштата се спортски и се нагодуваат во 14 позиции. Место инструменти возачот гледа во масивен екран, а уште еден има и на средина од арматурата за мултимедијалниот систем. И двата се со извонредна графика и резолуција, а навигацијата има тридимензионален приказ.

Кога сме тука да напоменеме дека RS e-tron GT има постојана интернет конекција, на глас чита вести и временска прогноза, а ушите ги милува звукот од системот на аудио специјалистот Bang&Olufsen. Воедно RS e-tron GT никогаш не спие.

Будното око на камерите забележуваат сè околу себе дури и кога е паркиран. Па доколку во темница некој не го забележи и се доближи до него ги активира светилките колку да го извести другиот возач: – Внимавај, тука сум!

МОЌЕН, БРЗ И ИЗДРЖЛИВ

Audi RS e-tron GT го задвижуваат два електромотори по еден за секоја оска, од кои задниот е спарен со двостепен менувач кој помага при наглите забрзувања кога префрла во покусиот прв преносен однос. Моќноста од 598 КС и максималниот вртежен момент од мрсни 830 Nm му овозможуваат да достигне вртоглави перформанси. Дозволува дури и катапултирачки стартови во модусот Launch control кога моќноста во период од 2,5 секунди расте на 646 КС. Тогаш RS e-tron GT од место лови темпо 100 во само 3,3 секунди. Максимумот е ограничен на 250 km/h со цел да се штитат батериите.

Кога сме кај нив, тие работат со напон од 800 V, што е два пати повеќе од вообичаениот стандард на денешните електромобили на пример Tesla. Капацитетот е точно 93,4 kWh што е доволно, зависно од стилот на возење за автономија до 488 километри. Воедно RS e-tron GT во само 5 минути полнење на соодветна станица акумулира енергија доволна да се минат 100 километри. Важен е и термалниот менаџмент кој ги чува батериите од прегревање без оглед што прави возачот со автомобилот. Имено RS e-tron GT дозволува катапултирачки старт со Launch control колку што сакате пати, односно додека не се испразни батеријата. Колку за пример, Tesla дозволува само два бесни старта и потоа ја намалува моќноста и испораката на енергија за да ги сочува батериите од прегревање.

ВОЗИ КАКО ПО ШИНИ

RS e-tron GT воопшто не е лесен автомобил. На вага мери 2.347 килограми. Да нема двојби: шасијата е лесна, каросеријата е од алуминиум, но системите тежат, батериите пред сè, масивниот систем за ладење и одличната звучна изолација која меѓу другото вклучува и трислојни стакла. Но, без оглед на притисокот врз подлогата RS e-tron GT вози меко како поставен на мачкини шепи, а лови свијоци како искусен Гепард. Сето ова се должи на адаптибилното воздушно потпирање со три-коморна технологија, управувањето на четири тркала и активниот самозаклучувачки диференцијал на задната оска кои се под команда на централно управуваната и интегрирана контрола на шасијата. Таа ги анализира и синхронизира сите системи во реално време. Затоа RS e-tron GT може да се вози релаксирано на долги рути и воедно да понуди екстремна динамика кога возачот е расположен за беснеење.

За стабилноста при високи брзини допринесува и активната аеродинамика која покрај сокриениот спојлер одзади кој се отвора во две фази има и подвижни панели во подот кои дополнително го лепат RS e-tron GT за подлогата. Во критични ситуации на помош доаѓаат моќните сопирачки апарати со дијаметар од 410 mm преслечени со волфрамов карбид кој ги подобрува перформансите на шестклипните сопирачки клешти. Како опција се карбонкерамички дискови од дури 420 mm.

Не само што вози како грантурисмо, RS e-tron GT и звучи подеднакво. Покрај дизајнот и технологијата и акустиката е ремек дело. Покрај вообичаеното зуење на електромобил RS e-tron GT може да звучи како полнокрвен спортист. Две контролни единици управуваат со два посебни звучници, еден надвор и еден внатре. Возачот одбира кога сака да ужива во полниот спортски звук кој се развива прогресивно со притискање на педалот за гас.

Производството на RS e-tron GT се одвива во фабриката на Audi во Некарсулум на истата линија каде се произведува и спортистот R8. Таму работат најискусните работници на Audi со титула врвен мајстор. Тие рачно и во поединечни процеси со помош на роботи го создаваат ова автомобилско ремек дело. Нормално на едно вака скроено парче автомобил од најфин ков му одговара соодветна цена. Таа во Германија стартува од 138.200 европски банкноти.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.