Премиера: Ferrari SF90 Spider-Кабриолет со мотоспорт гени

11/12/2020

ИТАЛИЈАНСКАТА АВТОМОБИЛСКА МАРКА СО СЕДИШТЕ ВО МОДЕНА ГО ЛАНСИРАШЕ НОВИОТ SF90 SPIDER И ТОЈ ВЕДНАШ ЈА ПРЕЗЕДЕ ТИТУЛАТА НАЈМОЌЕН СЕРИСКИ КАБРИОЛЕТ ВО СВЕТОТ, ОПРЕМЕН СО КОМБИНАЦИЈА ОД БЕНЗИНСКИ АГРЕГАТ V8 И ТРИ ЕЛЕКТРОМОТОРИ ШТО ЗАЕДНО ПРОИЗВЕДУВААТ 1.000 КОЊСКИ СИЛИ.

Не треба да изненади дека 18 месеци по премиерата на купе верзијата Ferrari го откри кабрио дериватот на моделот SF90 Stradale, придвижуван со ист страшен погон што испорачува импре- сивна моќност од 1.000 КС. Тој вклучува можност за возење само на електрична енергија. Како што Stradale беше првиот plug-in хибрид купе на марката, така ова е првото Ferrari „спајдер“ од ваков вид. Изведбата SF90 Spider е опремена со тврд покрив што може да се повлече и работи на ист принцип како оној што е вграден во F8 Spider, направен е од алуминиум и тежи 40 кг помалку од вообичаениот покрив од ткаенина. Неговото подигнување или спуштање е процес за кој се потребни само 14 секунди. Иако со 1.670 кг, SF90 Spider е 100 кг потежок од купе изведбата. Осумдесет проценти од зголемувањето на тежината им се припишуваат на покривот на автомобилот, а останатите дваесет проценти се должат на модификациите направени во шасијата на автомобилот за да му се овозможи на „спајдерот“ да има исто ниво на цврстина како и купето. Измените во конструкцијата не го прават SF90 Spider побавен, со забрзување од 2,5 секунди до 100 км/ч и максимална брзина од 340 км/ч. Тој е еден од најбрзите модели во класата на ексклузивни спортисти без покрив.

Јадро на целиот погон е 4-литарскиот агрегат V8 со два турбо полначи, кој е споен со осумбрзински менувач со двојна спојка што ја упатува моќта кон задната оска. Со 780 КС и 800 Нм вртежен момент овој агрегат испорачува повеќе од доволно сила, но ова не го спречи Ferrari да развие дополнителни два електрични мотора наменети да ја движат предната оска и уште еден за задната. Во комбинација, ова електрично трио произведува дополнителни 220 КС со кои SF90 Spider испорачува комбинирана моќност од околу 1.000 КС.

Секако, како и кај секој plug-in хибрид, електричната енергија може да се искористи на повеќе начини. Кога работат предните електромотори што ја придвижуваат само предната оска, автомобилот црпи енергија од батеријата со капацитет од 7,9 kWh што му овозможува радиус на движење од 25 километри само на електричен погон. Втората опција е хибриден режим на работа што во исто време ги користи агрегатот V8 и електромоторот на задната оска, а хибридниот режим со погон на сите четири тркала ги додава електромоторите задолжени за движење на предната оска.

Голем дел од фокусот на развојот на SF90’s Spider е насочен кон аеродинамиката на автомобилот. Од клучна важност е системот на задната страна што го контролира нивото на силата на задната оска. Под предниот дел на автомобилот е изграден систем од елементи што се состои од два дела: еден фиксен и еден активен за да се создаде фронтална област со клин форма, реагирајќи на брзината, забрзувањето, аголот на воланот и притисокот врз педалот на сопирачката, негова цел е да управува со силниот притисок во моменти кога и каде што е најпотребно. Инженерите на Ferrari работеле и на управување со протокот на воздух и над кабината на SF90 Spider, а тука главна улога игра централното вдлабување помеѓу возачот и патникот што е задолжено за канализирање на воздухот што минува над главата на возачот и сопатникот.

Кабината е идентична со онаа на купето, располага со кластер изведен преку дигитален дисплеј со големина од 16,0 инчи, кој прикажува телеметрија во живо и индикатор за полнење на батеријата, систем head-up и управувач инспириран од мотоспорт со низа контроли чувствителни на допир. SF90 Spider, како и Stradale, ќе биде достапен со пакетот перформанси Assetto Fiorano. Ваквата едиција поседува изменети амортизери развиени по примерот на тркачките автомобили во класата GT на компанијата, потоа тука е и серијата делови од карбонски влакна и титаниум што ја намалуваат тежината на автомобилот за 21 килограм, вклучително и новиот заден спојлер од карбонски влакна и комплет гуми Michelin Pilot Sport Cup 2 R со уникатно соединение специјално развиено за овој модел. Дополнително, достапни се и посебни начини на боење на каросеријата што црпат инспирација од богатата натпреварувачка историја на компанијата.

Иако во моментов има официјална презентација на моделот, верните клиенти на компанијата што претпремиерно имале можност да добијат „слот“, речиси педесет проценти од своите автомобили ги опремиле со пакетот Assetto Fiorano што чини дополнителни 43.750 евра. Како и SF90 Stradale, количината на новиот Spider нема да биде ограничена, туку бројот на единици што ќе бидат направени ќе биде ограничен од производните можности на Ferrari за време на предвидениот циклус. Првите испораки до клиентите во Европа се очекува да почнат во втората половина на наредната година по почетна цена повисока од 470.000 евра

 

 

Данчо Здравковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.