СО ОСВОЈУВАЊЕ НА ШЕСТАТА ТИТУЛА ВО ФОРМУЛА 1, ЛУИС ХАМИЛТОН ДОЈДЕ НА ЧЕКОР ДО НАЈГОЛЕМИОТ РЕКОРД НА СИТЕ ВРЕМИЊА, СЕДУМТЕ ШАМПИОНСКИ ТИТУЛИ ОСВОЕНИ ОД МИХАЕЛ ШУМАХЕР, КОИ ДО СКОРО ИЗГЛЕДАА НЕДОСТИЖНИ.
Луис Хамилтон ја заврши Формула 1 сезоната во голем стил, победувајќи на трката за Големата награда на Абу Даби, во која по подолга пауза најпрвин освои пол-позиција, а потоа имаше водство од старт до целта.
За возачот на Мерцедес ова е единаесеттата победа сезонава (изедначување на личен рекорд претходно поставен во 2014 и 2018 година) и само ја зголеми предноста во однос на ривалите во конечниот генерален пласман. Иако на квалификациите се чинеше дека Ферари има подобар болид од Ред Бул, сепак победниците од претходното гран при во Бразил и овде демонстрираа одлична подготвеност во трка, па Макс Ферстапен беше единствениот кој беше рамноправен со Хамилтон на патеката. Шарл Леклер успеа да го сочува третото место откако направи еден пит стоп повеќе, па со свежи пневматици одолеа на нападите од Валтери Ботас, кој стартуваше последен поради промената на моторот, но со вонсерискиот болид на Мерцедес успеа да дојде до борба за подиум. Себастијан Фетел во самиот финиш успеа да дојде до петтото место во дуелот со Алекс Албон, а пласман на првите десет позиции кои обезбедуваат поени остварија уште Перез, Норис, Квијат и Саинц. Со јазикот на бројките кажано ова, исто така, е победа со реден број 84 за Хамилтон во Формула 1, а петта на патеката „Јас Марина“. Иако за овој возач ова е воедно и јубилеен, педесетти триумф од пол позиција, сепак со неа го изедначи и еден од последните рекорди на Аиртон Сена, кој имаше 19 гран при победи надополнети со водство од старт до цел.
Дополнително тој го подобри своето постигнување со освојување на рекордни 413 поени за една сезона, а воедно по втор пат во кариерата стигнува до 33 трки што ги финиширал во поени без прекин.
– Ова беше одличен начин да се финишира една сезона. Како тим, како целина, бевме мошне силни овој викенд, а и Валтери заврши одлична работа. Благодарен сум на сите, поддршката беше неверојатна.,- рече старо-новиот шампион. – Ова веројатно беше година во која најмногу пораснавме како тим, па се надевам дека тоа ќе не стави во добра позиција за новиот предизвик идната година. Имав одлични трки со Валтери, со Макс и со Шарл, очекувам дека ќе биде уште потешко во 2020 година. Сите тие ќе работат за да го подигнат нивото, па немам илузии дека ќе треба да го направам истото, бидејќи со цело срце верувам дека можам. Се чувствувам свеж, подготвен да продолжам во нов предизвик следната година!
Генерално зборувано, патеката во Абу Даби со години наназад е позната како терен за славје на Мерцедес, а Ферари не само што нема победа, туку нема ниту пласман во квалификациите во првиот ред. Триумфот на Хамилтон беше очекуван, но меѓу главните вести од овој гран при викенд беше онаа дека Ферари е под истрага од ФИА заради горивото. Така, Шарл Леклер беше во опасност да биде дисквалификуван поради истрага која започнала уште пред почетокот на трката, откако техничкиот делегат пријавил дека количината на горивото во болидот на возачот на Ферари не се совпаѓа со тоа најавено во декларацијата на тимот.
Но, иако е утврдено дека имало разликата од 4,88 килограми, беше донесена одлука Ферари да плати парична казна од 50.000 долари, а Леклер мина без никаква санкција, што значи дека го задржа третото место освоено во Абу Даби. Истовремено, ФИА издаде и неколку технички директиви околу управувањето со горивото и следењето на протокот низ болидот, откако ривалите на Ферари шпекулираа дека италијанскиот тим ги заобиколува правилата. ФИА потврди дека во 2020 година ќе има 22 трки, една повеќе од оваа сезона, бидејќи од календарот се иззема трката за Големата награда на Германија, а се додаваат трките во Холандија и Виетнам.
ВОЛФ ОЧЕКУВА УШТЕ УСПЕСИ ОД ЛУИС!
Тимскиот шеф на Мерцедес, Тото Волф, беше под притисок на медиумите со акредитирани новинари во Абу Даби, откако претходно Матија Биното најави дека ќе преговараат со Луис Хамилтон за договор по 2020 година. Според актуелните податоци, Хамилтон е обврзан да вози за тимот на „сребрените стрели“ само уште една година, а потоа на сцена треба да стапат новите правила за 2021 година, што ќе претставува ново поглавје за сите, кога воедно се очекува да прекине и доминацијата на Мерцедес, но и предноста што другите големи фабрички екипи ја стекнуваат благодарение на големите буџети.
Според некои весници, Хамилтон во два наврати се сретнал со Џон Елкан, кој е претседавач на Управниот одбор на Ферари, а инаку е внук на легендарниот Џани Ањели, кој го купи Ферари од основачот Енцо и го воведе во хиерархијата на Фиат.
– Ризикувам да се „наведнам“ надвор од прозорецот, но лично мислам дека шансите се 75% за да се продолжи релацијата, од двете страни, тоа е она што го сметам од рационална страна. Но, исто така, постојат и 25% шанси кои ние не можеме да ги контролираме. Ќе видиме во следните месеци како ќе излезе,- рече Волф. Дополнително, тој во одговор на друго прашање рекол дека очекува Хамилтон да бара брз болид и врвен тим.
– Сигурен сум дека ќе има финансиски поттик што ќе игра извесна улога, но на крајот станува збор за пакет што возачот мора да го евалуира. Тоа е сосема нормално, секој од нас би го направил. Натаму, Волф потсети дека Хамилтон во Мерцедес дошол од Мекларен, носејќи одлука за која рече дека го натерала да се чувствува дека „си заминал од дома“.
– Еден возач секогаш ќе знае дека можа да направи разлика во тимот. Кога тој замина од Мекларен, беше речено дека не донел добра одлука. Се покажа дека одлуката била добра. Не сакам да направам грешка и да го потценам потенцијалот на Ферари. Ние не полагаме права на седма или осма титула, напротив сакаме да останеме скромни по прашање на успесите. Ако зборуваме од рационално гледиште, се укажува дека треба да го продолжиме заедничкото патување. Но, можно е да има надворешни фактори, возбудлива зделка, нешто што може да биде фактор. На тоа му давам шанса од 25%,- повторил Волф.
Скудерија Ферари преку извршниот директор Луи Камилери потврди дека Елкан и Хамилтон имале средба.
– Веќе е познато дека Луис имал разговори со Џон Елкан, многу сме поласкани поради интересот на голем број пилоти, па и самиот Хамилтон, секој од учесниците сакаат да бидат дел од Ферари. Сега е прерано да зборуваме за нешто конкретно, бидејќи имаме долгорочен договор со еден возач (Леклер), а со вториот имаме гарантирана соработка до 2020 година (Фетел). Останува да ги разгледаме опциите и да одлучиме што е најдобро за тимот, – изјавил Камилери.
Медиумите шпекулираат дека ако дојде до трансфер, од Ферари треба да замине германскиот пилот, Себастијан Фетел. Неговиот договор со „ергелата од Маранело“ истекува наредната година, а од Ферари сè уште му немаат понудено нов договор.
Шпанскиот спортски весник „Марка“ објави дека Фетел веќе почнал да размислува за следниот тим и наводно стапил во контакт со Андреас Сеидл кој во моментов е спортски директор на Мекларен. Фетел и Сеидл се познаваат по заедничката соработка од времето во Заубер кога Германецот беше тест возач за овој тим. Се верува дека Мекларен ќе има одличен болид за 2021 година, кога ќе бидат снабдувани со мотори од страна на Мерцедес.