WRC–Рели Сардинија и Рели Кенија-ПОСЛАН ПАТОТ КОН ОСМАТА ТИТУЛА

09/08/2021

СО ПОБЕДИТЕ НА РЕЛИЈАТА НА САРДИНИЈА И НА КЕНИЈА, СЕДУМКРАТНИОТ СВЕТСКИ ШАМПИОН СЕБАСТИЈАН ОЖИЕ СОЗДАДЕ ГОЛЕМА РАЗЛИКА ВО ОДНОС НА НАЈБЛИСКИОТ КОНКУРЕНТ И ТИМСКИ ДРУГАР ЕЛФИН ЕВАНС И ГО ПОСЛА ПАТОТ ШТО ВОДИ КОН ОСМАТА ТИТУЛА

 

Се чини дека со исполнување на првата половина од сезоната во Светскиот шампионат во рели прашањата кои се вртат околу освојувањето на титулата се стеснуваат. Себастијан Ожие на изминатите две релија: релито на Сардинија и релито на Кенија, стави до знаење дека оваа последна сезона од неговата кариера во WRC планира да ја заврши како шампион. Во само две релија успеа бодовно да се одлепи од најблискиот конкурент и тимски другар Елфин Еванс толку за да може да биде релаксиран во втората половина од сезоната. Секако во релито нештата се прилично непостојани, и не е пријатно да се предвидува, но ако се земат предвид досегашните остварувања на Ожие тогаш може да се каже дека часовникот одбројува во негова полза.

Нема двојби дека пред почетокот на релито на Сардинија тимот на Hyundai важеше за фаворит. Се чини дека ова рели им годи и на неговите возачи, и на автомобилот i20 WRC. Имено тие славеа четири пати во изминатите пет сезони. Тиери Нувил победуваше во 2016 и 2018 година, а Дани Сордо на изминатите две релија 2019 и 2020 година. Воедно тој тука ја оствари својата прва победа во Junior WRC во 2005 година. Оттука Сордо кому дефинитивно му лежи ова рели се подготвуваше за хет-трик. Меѓутоа годинава боговите на релито имаа поинакви планови за Сардинија.

Тренингот мина во знак на Hyundai. Нувил и Танак беа најбрзи и му се радуваа на стартот бидејќи стартната позиција ќе им дозволи да имаат повеќе тракција во текот на првиот ден. Имено Водечките во шампионатот Ожие и Еванс стартуваат први и ќе ја имаат непријатната улога да го метат слободниот чакал кого го има во изобилие на патеките на Сардинија. Ова значеше дека и првиот ден ќе мине во знак на Hyundai и токму тоа се случи. Танак брилираше на патеките. Победи на пет од осумте брзинци и создаде комфорна предност од 19,4 секунди во однос на тимскиот другар Сордо кој заврши втор. Нувил, пак, не беше задоволен од сетапот на автомобилот. Се бореше да најде вистински ритам и сето тоа го чинеше време. Заврши петти на крајот од денот заостанувајќи повеќе од 1 минута зад Танак. Меѓу возачите на Hyundai за место се изборија оние на Toyota. Oжие и Еванс ги освоија третото и четвртото место. И додека Ожие беше задоволен со измените на подвозјето после проблематичното рели на Португалија, Еванс се бореше за да фати ритам. Секако разликите во чувството зад волан дадоа и различни резултати. Ожие иако стартуваше прв успеа да се залепи до водечкиот Танак, но затоа Еванс заостана повеќе од минута.

 

Танак на вториот ден од релито продолжи каде што застана претходно. Повторно беше недостижен. Успеа дури да го удвои водството после проблемите на Сордо на вториот брзинец од денот кога неговиот автомобил се наголта вода минувајќи низ воден премин во кого Шпанецот влета пребрзо. Меѓутоа на патот кон успехот му се препречи камен на четвртиот брзински испит кој беше последен за Танак на ова рели. Слично заврши и во Португалија после убедливото водство. Лидерската позиција соодветно ја презеде Ожие и го заврши денот како победник откако остана без вистинска конкуренција. И Сордо му стави неочекуван крај на релито. На претпоследниот брзинец излета и се преврте препуштајќи му ја втората позиција на Еванс. После кошмарот на Hyundai јасно беше дека боговите на релито на Сардинија беа наклонети кон Toyota.

До крајот на релито немаше изненадувања. Победи Ожие на рели на кое не очекуваше да победи, Еванс остана зад него, а трет заврши Нувил. Оттука акцијата ги однесе актерите од Светскиот шампионат во Африка на митското Сафари рели на Кенија. После 19 години пауза ова рели повторно стана дел од Светскиот шампионат и со збиднувањата увери дека местото му е токму тука. Последен пат рели-монструмите го реметеа мирот на жителите на саваната во 2002 година кога на релито славеше Колин Мекре со тимот на Ford. Но, денес после безмалку две децении ниту еден од возачите во шампионатот немаше претстава што треба да очекува на ова рели и како да се подготвува. Едноставно остана да се справат во од со епскиот карактер на ова рели сочинето од земјени патишта кои не простуваат грешка, и прекрасни пејсажи исполнети со егзотични животни. Всушност како никогаш досега за едно рели, годинава за релито на Кенија, важи старата изрека: Јунаците се препознаваат на мака.

Првиот дел од денот мина во знакот на Нувил, откако не остана возач од водечките кој не претрпе дефект и едвај чекаше да дојде до првиот сервис.

Дури и по 19 годишно отсуство патеките кои на простуваат грешка го покажаа својот суров карактер. Еванс, Сордо, Оливер Солберг, Лоренцо Бретели останаа крај патеките. Ожие откако откорна резервоар за масло со страв се довлечка до спасоносниот сервис губејќи многу време. Кале Рованпера беше единствениот што држеше чекор со Нувил, но призна дека е многу тешко со толку многу прашина во автомобилот што едвај се дише. Токму тој и му пресуди на последниот брзинец од денот кога влета во облак од прав, излета од патеката и заглави во песок. Така Такамото Катсута го наследи второто место, а трет заврши Танак. Ожие беше четврти, Гас Гринсмит и Адрјиан Формо од Ford беа петти и шести. Рованпера падна на седмата позиција. После масакарот на водечките возачи во текот на првиот ден, релито продолжи во сабота на малку помазни патеки. Но, штетата веќе беше направена. Нувил не ја испушти шансата да остане на лидерска позиција зголемувајќи го водството во однос на второпласираниот Катсута на безмалку една минута. Водството го зголеми кога пред крајот на денот обилен дожд ги поплави патеките, па многумина загубија многу време борејќи се со водената стихија. Јапонецот не сакаше да ризикува. Призна дека прави многу грешки и единствено се грижи да го сочува автомобилот.

Ниту Танак не сакаше да ризикува. Истакна дека вози со 60 проценти од можностите и се грижи за автомобилот. Целта му е да го заврши релито. Токму нему му пресуди дождот. Мораше да застане заради расипан вентилатор во кабината и сам да го брише замагленото предно стакло. Тука загуби повеќе од две минути препуштајќи му ја третата позиција на Ожие кој имаше за цел да ја одржува позицијата и да ги чека грешките на оние пред него. Гринсмит и Формо со релативно стабилно возење ги задржаа позициите од претходниот ден.

Со релативно мирен пристап Нувил го започна неделното утро сонувајќи за победата која му беше на дофат. Сонот се распарчи заедно со задниот десен амортизер на неговиот i20 кој настрада при удар во камен пред крајот на првиот брзински испит од денот. Нувил успеа да го заврши брзинецот и да ја задржи лидерската позиција. Но, по проценка на техничарите беше принуден да се откаже од релито. Каква страшна драма за Белгиецот кој на трето рели по ред мораше да се откаже во моменти кога ја имаше победата в раце.

Меѓутоа драмата не заврши тука. Ожие ја виде шансата и почна да го притиска Катсута кој го наследи водството од Нувил. Неискусниот Катсута немаше никакви шанси во битката со седумкратниот светски шампион. Губеше секунди од испит, во испит и на претпоследниот брзинец конечно го загуби водството. Во едно незамисливо финале Ожие стигна до победа на годинешното Сафари рели на Кенија. Катсута заврши втор, а Танак трет. Формо беше четврти,а Гринсмит петти. Една тешка и крајно неочекувана 1-2 победа за тимот на Toyota кој заедно со останатите тимови беше сведок на еден настан каде човекот и машината беа тестирани до лимит. На еден ваков епски настан сепак екипажите на јапонскиот тим беа тие кои пијат шампањ на подиумот. Секако со признание до сите оние кои доживеаја неволја на патеките низ Кенија.

Со победите на Сардинија и во Кенија, Ожие во генерален пласман му избега на Еванс за 34 бода. Има 133 наспроти 99 бодови. Третопласиран е Нувил со 77 бодови. Заедно со Ожие профитираше и тимот на Toyota кој со 273 бодови во генерален пласман води пред Hyundai кој има 214 бодови. Со олкава предност, и Ожие и Toyota, мора бидат задоволни од исходот во првата половина од сезоната.

Следно на репертоар е релито на Естонија кое за првпат се возеше минатата година, а по него со нетрпение се очекува и релито на Белгија.

 

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.