Портрет МАКС МОЗЛИ-ТРКИТЕ МУ ОВОЗМОЖИЈА КАРИЕРА ЗА ПАМЕТЕЊЕ

28/06/2021

СЕКОЈ ЛИДЕР ОСТАВА ПЕЧАТ НА ВРЕМЕТО ВО КОЕ ШТО РАБОТЕЛ, А КАРИЕРАТА НА МОЗЛИ ЗАПОЧНА СО ТРАГИЧНАТА СМРТ НА АИРТОН СЕНА И РОЛАНД РАЦЕНБЕРГЕР, ПО ШТО ТОЈ ЈА ПРЕДВОДЕШЕ КАМПАЊАТА ЗА БЕЗБЕДНОСТ.

 

Макс Руфус Мозли поради своето семејно потекло бил „исклучен“ од сите визии за создавање кариера бидејќи сплетот на околности сакал да се роди во предвечерјето на Втората светска војна (1940 година), а токму неговиот татко Освалд да биде британскиот сојузник на Адолф Хитлер, како претседател на Британската унија на фашисти. Неговите родители биле венчани во работната соба на Јозеф Гебелс, а фирерот Хитлер им подарил врамена фотографија од себеси.

Поради ваквото „педигре“, Мозли не можел да се надева на успех во службеничката кариера, иако за неговото детство се вели дека го поминал во Франција и често бил отсутен од родната Англија. Од друга страна, иако неговите родители биле во затвор, откако биле ослободени нивниот имот им бил вратен, па Мозли имал финансии за удобен живот кој вклучувал и приватна јахта и посета на некои други владетели кои биле пријатели со неговото семејство, како на пример генералот Франциско Франко во Шпанија.

За неговото образование се сретнуваат факти дека на 21 година ја добил првата диплома по физика (во 1961), а потоа студирал право, при што дипломирал на заштита на патенти и заштита на трговски имиња (во 1964). Во меѓувреме имал и воена обука, но за таканаречената „територијална армија“ што всушност била сметана за пара-војска. Во 1962 година бил уапсен бидејќи го бранел татко му од напади, при што учествувал во тепачка.

Иако често бил опишуван како нападен, никој не можел да ја спори неговата природна интелигенција, како и стручност во областите од негов интерес. Трките му го дале предизвикот за да се истакне и напредува, иако во брак стапил уште на 19-годишна возраст. Првите победи како возач ги направил во средината на шеесеттите, по што го формирал и својот прв тим.

Како возач, бил приустен во Хокенхајм 1968 година, на трка од Формула 2, каде што загинал најголемиот британски ас, Џим Кларк.

Веќе следната 1969 година заедно со уште тројца други партнери, го основаат тимот Марч Инженеринг, со кој во 1970 година почнуваат да редат успеси во Формула 1, но Мозли става крај на својата кариера како возач. Подоцна во 1977 го продава и својот удел во тимот.

Во меѓувреме станува пријател со Берни Еклстоун кој, исто така, во средината на седумдесеттите купува тим во Формула 1 (Бребем), по што како сопственици на мали приватни тимови се судираат со ФИА во расправата за поделба на парите од ТВ правата. Еклстоун и Мозли стануваат предводници на движењето обединето под името ФОКА (Асоцијација на конструктори во Формула 1). Мозли станува правен советник на ФОКА откако го напушта тимот, па така добива шанса во оваа „политичко-бизнис сага“ да блеска во преговорите, а тој и Еклстоун да бидат основоположници на таканаречениот договор „Конкорд“, со кој за првпат се регулирале правата и обврските на учесниците и организаторот.

Оваа шема базирана на договорот „Конкорд“ кој е именуван според плоштадот во Париз каде што била канцеларијата на ФИА, всушност трае и денеска.

Таквиот успех му дал крилја да се кандидира и за местото Претседател на ФИА во 1991 година, сметајќи дека претходниот лидер на организацијата премногу хаотично ја водел истата. Покажувајќи дополнителни дипломатски вештини, успеал во своите намери и обезбедил доволно сојузници за неговиот избор. Берни Еклстоун во тоа време веќе бил потпретседател на ФИА за економски прашања како дел од претходниот договор и „двојката“ продолжила заедно да работи, доминирајќи на сцената.

Во кариерата на Мозли како претседател на ФИА ќе останат запишани неколку потези, како што е продавањата на ТВ правата за период од 100 години на Еклстоун, по што овој ќе ја продаде својата компанија преку акции на разни инвеститори.

Потоа, континуираната борба за безбедност и менување на патеките каде што загинале голем број возачи, носејќи го Хелмут Тилке како архитект на сите нови патеки кои се трудат да овозможат максимална безбедност. Паралелно со тоа, голем број на одлуки за заштита на возачите се инспирирани од инцидентите на Аиртон Сена и Роланд Раценбергер во 1994 година. Исто така, во сферата на патничките автомобили го воведува „Euro NCAP“ тестот во кој им доделува по 5 ѕвездички на најбезбедните автомобили.

Кон крајот на својата кариера во ФИА, беше осудуван за блискост со Ферари и Жан Тод, но токму на Французинот кој го напушти тимот од Маранело, Мозли му го препушти владеењето со ФИА, оставајќи му мнозинство гласови како поддршка. Во аманетот за негов избор, Мозли имаше напишано дека тој ќе ја чува федерацијата да не биде преземена од големите корпорации кои сакаат да ја контролираат и да ја загрозат нејзината независна улога.

Профилот на Мозли е надополнет со уште еден квалитет на бестрашен соперник, кој дури и кога беше уловен од папараци во афера со проститутки, успешно тужеше за повредената приватност. Во 2008 година, на истек од својот мандат, тој беше во Скопје, каде што во организација на АМСМ се случи гала-вечерта и доделувањето награди на спортистите од ЦЕЗ зоната на ФИА.

 

ДА БЕА СООБРАЌАЈНИТЕ ЖРТВИ ЗАГИНАТИ ОД ТЕРОРИСТИЧКИ НАПАД…

При посетата на Скопје, Мозли имаше интервју за повеќе македонски медиуми. Иако е тешко да се избере една реплика, сепак постои една мошне важна илустрација која ни укажува колку ФИА има направено за безбедноста на патиштата денеска.

– Вие сте еден од основачите на EURO NCAP институцијата, која ја објавува безбедноста на новите возила, но од позиција на ФИА водите и кампањи за побезбедни патишта и автомобили кои помалку ја загадуваат животната околина…

– Кога го основавме EURO NCAP ги тестиравме речиси сите автомобили на пазарот и резултатите беа околу две ѕвездички. Ретко кој имаше три ѕвездички. Но, додека ние се стремевме да се воспостави стандард, сите производители почнаа да произведуваат возила со четири или пет ѕвездички, што е над стандардот. Сега, во проширената ЕУ, страдаат 50 илјади луѓе годишно. Замислете да има терористичка организација која годишно убива 50 илјади луѓе. Целиот свет ќе се преврти.

А за сообраќајот велат дека тоа е дел од животот. Но, не е. Тоа може да се спречи. За тоа треба решителност и акција, но можно е драматично да се намалат овие бројки на жртви. Забележано е дека на еден ист пат ако се преземат одредени мерки, фаталностите можат да исчезнат иако луѓето и претходно и сега возат по истиот пат. Ние сметаме дека е дел од нашата работа да се залагаме за тоа

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.