ПОЧНУВА СЕЗОНАТА НА ВОЗИЛА НА ДВЕ ТРКАЛА!

21/04/2019

Со почетокот на пролетта и пријатните денови се зголемува бројот на учесници во сообраќајот, a во градските средини се сѐ поприсутни велосипедистите, мотоциклистите, велосипедите со помошен мотор и мопедите. Управувањето со возилата на две тркала претставува задоволство, но и овозможува брзо и економично движење.

Возењето велосипед, мопед или мотоцикл во рурална и во градска средина со помала фреквенција на сообраќајот, пред сѐ, е задоволство, рекреација и можност за престој во природа. А возењето возило на две тркала во урбана средина, можеби ќе ви овозможи брзо да ги завршите обврските, но би можело да се рече дека е нездраво од еколошки аспект и ризично од безбедносен. Токму бројот на овие возила го зголемува ризикот од сообраќајни незгоди, во кои најчесто страдаат младите, особено ако не се придржуваат кон основните препораки за безбедно учество во сообраќајот.

Овие превозни средства треба да бидат технички исправни, односно да имаат исправни сигнални уреди и сопирачки, за што доказ е нивната регистрација. Возачите и оние што се возат на мотоцикли задолжително треба правилно да носат соодветни хомологирани заштитни шлемови. Пожелно е да се избере заштитна опрема од ретрофлектирачки материјали со силни бои.

Се препорачува редовна контрола на нивната техничка исправност, почитување на ограничувањето на брзината, навремено сигнализирање, внимателно возење. На возачите им се советува да не возат уморни, под стрес, под дејство на алкохол или други опојни средства.

Можеби многупати е кажано ова, упатени се безброј апели за безбедност во сообраќајот, но да повториме уште еднаш затоа што културата на возење сѐ уште е на ниско ниво. Не смееме да престанеме да потсетуваме на основните правила во сообраќајот, како за младите, така и за искусните возачи што поради стекнатата самоувереност се обидуваат да ги заобиколат или занемарат. Несреќите и понатаму се случуваат и затоа е многу важно да се обрне внимание на грижливото однесување на патиштата.

Следното издание на „АМСМ Клуб Мобилити“ очекувајте го во мај 2019 година, во печатена верзија на вашата домашна адреса и на веб страницата на АМСМ www.amsm.mk.

Маргита Поповска

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.