PICASSO 660 LMS-УМЕТНОСТ НА ЧЕТИРИ ТРКАЛА

16/06/2022

Според сегашните движења во автомобилската индустрија слободно можеме да кажеме, ова е време на супер и хипер автомобили, затоа што фирмите кои произведуваат вакви возила никнуваат како печурки. Една од нив е швајцарската Пикасо Аутомотив која на почетокот на јуни го претстави своето прво возило, супер моделот „660 лмс“. Автомобилот најмногу наликува на прототиповите од серијата Леман, поточно од групата „лмп 2“. Од компанијата ја потврдуваат сличноста со тркачките автомобили, односно тие служеле како правец во кој ќе се развива планот за создавање супер автомобил. Желбата и страста прераснале во стварност и како награда имаме несекојдневен друмски автомобил наречен „пикасо 660 лмс“.


Ултра цврстата конструкција е целосно направена од јаглеродни влакна, што е своевидна реткост бидејќи и најтврдокорните тркачки автомобили во себе имаат чист легиран челик, но конструкторите во Пикасо Аутомотив одлучиле автомобилот да биде посебен во секој поглед. Да не заборавиме да го спомнеме следниов детаљ, сѐ што е направено е направено со сопствени сили и умеење, единствено алуминиумскиот мотор е дело на италијанската работилница Аутотекника Мотори. Овој дел од супер автомобилот има шест цилиндри распоредени во V со работна зафатнина од 3,0 литри. Со двојниот турбо полнач моторот произведува 651 КС при 8.000 врт/мин. Таа силина се пренесува на задната оска преку шест степен секвенцијален пренос од марката Садев, а крајната брзина е во содејство со претходните бројки – 314 км/ч.
Целосната употреба на јаглеродните влакна е голем допринос за тежината на автомобилот која изнесува само 900,38 кг. Можеби автомобилот не располага со премногу силина како останатите од неговата класа, но затоа една коњска сила влече само 1.383 кг тежина, сооднос кој многу ретко ќе го најдете кај другите двоседи.


Повеќето детали за и околу автомобилот сѐ уште не се обелоденети, но најверојатно се чека испораката на првиот примерок и дури потоа јавноста да добие целосна техничка слика. Според изјавите на Стефано Пикасо, основач, сопственик и прво одговорен во компанијата, ќе бидат направени само 21 примерок од моделот „660 лмс“ и секој од нив ќе чини по 877.000 долари.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.