Нов изглед, поагресивен, нови алуминиумски тркала, подобрување во делот на дигиталните инструменти и компјутерските програми, но и 10 инчен екран осетлив на допир, за разлика од претходниот седум инчен, а како јагода на куп од крем „2008“ го носи новиот заштитен знак. Сепак, внатрешноста нема да го добие дизајнот на неодамна прикажаните ултра напредни концепти како на пример „пежо инсепшн“. Меѓутоа предниот дел од спомнатиот концепт е речиси пресликан на редизајнираната „2008“, што е добар потег од страна на креаторите на обликот. Профилот е скоро ист како кај претходникот, додека задниот дел претрпел помали козметики, но сите се забележливи. Електричната „2008“ доби поголема батерија и поснажен електромотор и сега има 156 КС, а новата 54 kWh батерија го носи возилото до максимални 406 км што е за 61 км повеќе од претходникот кој имаше 50 kWh батерија. На куќен приклучок батеријата се полни за 11 часови, а на експресно брз полнач за време покусо од 50 мин. Изведбата со умерената 48 волтна хибридна технологија има 1,2 литарски турбо мотор со три цилиндри чија силина се пренесува на предната оска преку шест степен автоматски менувач со двојна спојка. Овој мотор штеди до 15 отсто гориво.
Истиот бензински турбо мотор ќе се вградува во возилото како самостоен со две силини, со 100 и 130 коњи, првиот има обичен шестстепен менувач, а вториот автоматски со осум преноси. А што е со популарниот Пежоов дизел „хди“ мотор (1,5 литри)? Тој може да биде однесен во музеј поради сѐ построгите закони за издувните гасови, но сигурно ќе биде вградуван за некои пазари бидејќи купувачите го обожуваат (1,5 л. турбо дизел со своите солидни 130 КС). Пежо не планира изведба со погон на сите тркала, но затоа нуди посебен уред кој будно го контролира контактот на предните тркала со асфалтот, односно подлогата.
Продажбата ќе започне летово со обичната „2008“ заедно со електричната „2008“, а од 2024 година ќе им се придружи и моделот со умерената хибридна технологија. Долгиот модел (4,3 м) на „2008“ ќе се произведува во Виго, Шпанија, Вухан, Кина и Гурун, Малезија.