PEUGEOT 308-„ЛАВОТ“ ПОВТОРНО Е ПУШТЕН

31/03/2021

Стаса третата генерација од популарниот Пежоов модел 308 и тоа не со досегашниот, туку со новиот заштитен знак. Тоа е првиот автомобил кој излегол од производните хали со новиот знак, односно во таа форма знакот го имаа моделите во ’60 и ’70 години од минатиот век-лав исцртан на штит. Сегашниов исто е со штит, но само со лавовската глава.

Третата генерација од моделот „308“ ќе биде задвижуван и од обичните и од тие комбинираните агрегати со електромотори. Најмалиот мотор по зафатнина има три цилиндри со работна зафатнина од 1,2 литри. Од овој погонски примерок производителот развил еден со 110 и уште еден со 130 КС. И дизел мотор ќе биде вградуван и тоа со четири цилиндри во линија  со зафатнина од 1,5 литри способни да произведат 130 КС. Сите три спомнати мотори се со турбо компресор. Тие хибридните располагаат со силина од 150 и 180 КС, додека вкупната силина со електрифицираниот погон изнесува 180 и 225 КС. Подоцна ќе бидат вградувани и други погонски единици во зависност од потребите на одделни пазари, односно тие кои се од суштинско значење за производителот.

Новиот дизајн со себе носи и поповолна аеродинамика од Cw 0,28, но и поголеми димензии од претходната генерација. Сега „тристаосумката“ е подолга за 110 мм, односно сега има 4.360 мм. И меѓуоскиното растојание подолго од претходното 55 мм или вкупно 2.675 мм, додека висината е намалена за 20 мм и сега изнесува 1,44 м. Внатрешноста ветува подобра удобност и повеќе литри зафатнина за багажот. Одделот за товар сега има 420 литри, но со соборување на задните седишта се добиваат завидни 1.323 литри, а во одделот за патниците има уште дополнителни 34 литри за одложување ситни нешта. Многу убаво се „наоружала“ новата 308 со багажен простор.

За крај на првичново претставување да ја спомнеме и платформата на која е правен новиот модел, а тоа е наново обновената и дотераната „емп 2“. И како по традиција по неколку месеци Пежо ќе претстави караван изведба, попозната под името „стејшн вагон“. Производството се одвива на домашен терен во фабриката Мулхаус, а првите примероци ќе влезат во продажба во втората половина од годинава.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.