Парга – ГРЧКИ ГРАД СО МЕДИТЕРАНСКИ ШМЕК

19/07/2019

СЕКОЈ КОЈ ЕДНАШ ЌЕ ДОЈДЕ ВО ПАРГА, ТЕШКО МОЖЕ ДА ЈА ЗАБОРАВИ, А МНОГУ ТУРИСТИ ОД ЦЕЛ СВЕТ ДОАЃААТ СО ДЕЦЕНИИ И ЛЕТУВААТ НА ОВА МЕСТО ОД БАЈКИТЕ НА БРЕГОТ НА ЕГЕЈСКОТО МОРЕ. ОБИДЕТЕ СЕ И ВИЕ ДА ГО ПОЧУВСТВУВАТЕ ШАРМОТ НА ОВОЈ ДЕЛ ОД ГРЦИЈА И НЕМА ДА СЕ ПОКАЕТЕ. 

 

Парга е мало космополитско одморалиште на Јонското Море, кое последниве години станува сѐ попопуларна туристичка дестинација. Прекрасно мало место со карактеристични тесни медитерански улици, со камени скали што водат до ридот каде што е тврдината, а оттаму се протега фантастичен поглед на синото море и на заливот. Доволна причина да посакате вашиот одмор да го поминете и да уживате во сè што ќе ви понуди ова место.

Парга се наоѓа меѓу Игуменица и Превеза, лоцирана во залив каде што има многу острови и карпи што се појавуваат од водата. Има мало пристаниште што зафаќа дел од градската плажа, по чија должина има шеталиште со безброј таверни, продавници и пекарници. Овој прекрасен град претставува комбинација на венецијанската и традицио-налната грчка архитектура со тесни, кривулести улици, мали плоштади и безброј цркви.

Во историјата првпат се појавила во 14 век пр.н.е., односно во периодот кога Микена владеела со овој регион. По Античка Грција во овој регион дошле Римјаните, потоа Византија која останала тука до почетокот на 15 век, кога Венеција ја презела власта над oвој дел од Медитеранот. На крајот на 18 век настапиле тешки времиња и борба за превласт меѓу Англичаните, Французите и Русите. Во 1817 година Турците ја купиле Парга од Англичаните, а ло- калните жители побегнале на Крф, кој никогаш не паднал во турски раце. Дури по Балканските војни Парга била осло- бодена од турските власти и обновена.

Старата венецијанска тврдина (датира од 14 век) го дели центарот на Парга од плажата Valtos. Од тврдината имате прекрасен поглед на градот, пристаништето и на малите острови и околните плажи. Стариот дел на градот Парга е навистина уникатен. Со закон е предвидено сите куќи во стариот дел задолжително да бидат обоени во жолта или во црвена боја и тука не е дозволено да се подигнуваат повеќе катови. Во Парга се наоѓа музејот Parageа, каде што може да се види филм за производството на маслиново масло во што се вклучени сите локални жители. Оттука многу лесно се стигнува до Крф, Лефкада, Јонските Острови. Исто така, задолжително треба да се оди на крстосување до Сината Пеш-тера и на островот Паксос и Антипаксос, каде што водата има исклучително тиркизна боја. Младите можат да се забавуваат во многубројните кафулиња и коктел-барови, каде што често има музика во живо. Најдобри ресторани се Arkudas, Edem, Veneciano, Filomila, најпопуларни барови се Del Mar, Il Posto, Sugar ISpice , Терра бар, Blue bar, Veranda и Sail in. Тука е и Cape North West, еден вид ресорт што се наоѓа на крајот од плажата Valtos. Преубаво место што ви нуди прекрасно чувство на слобода и убавина во кое може да уживате во добра музика, да вкусите одлични коктели или да ручате во ресторанот во кој услугата е совршена.

Парга има две градски плажи: Krioneri, главна песочна  плажа во центарот на градот, а по само неколку минути одење доаѓате до малата скриена каменита плажа Pisо Krioneri. На северната страна на Парга има две песочни плажи Valtos (Валтос) и плажа Lichnos (Лихниос). До Валтос се доаѓа за околу десет минути одење покрај тврдината. Плажа Валтос е добро уредена, со лежалки, чадори, тушеви, спортови на вода и голем број таверни. Песочната плажа Лихнос се наоѓа на околу 4 километри од центарот на Парга и до неа може да се дојде пешки по патот што води покрај ридот со маслинки и прошетката трае околу 50-60 минути. Лихнос се наоѓа во прекрасен тивок залив. Опкружена е со хотели и апартмани, со неколку таверни и автокамп. И до плажата Лихнос може да се стигне со чамец што поаѓа од пристаништето во Парга или со автомобил бидејќи има асфалтен пат до плажата.

Најпознати и најубави плажи во близина на Парга, до кои водат и локалните чамци се Sarakiniko, Loutsa и плажата во Sivota, која е многу блиску, наречена Mikri Ammos. ПАКСОС И АНТИПАКСОС Во близина на Парга се наоѓаат малите острови Паксос и Антипаксос до кои локалните туристички агенции секојдневно организираат екскурзии. Иако овие острови се најмали во Јонското Море, претставуваат вистинското скриено богатство.

Паксос зафаќа површина од само 19 квадратни километри и постојано население од околу 2.300 жители. Бидејќи нема аеродром, до него може да се стигне со само со траект и затоа е заштитен од налетот на современиот туризам. Паксос е остров на бескрајни маслинови дрвја, а Антипаксос, всушност, е едно големо лозје. Овде ќе се сретнете со лежерно темпо на живот, релаксирачко, со искрено пријателско грчко гостопримство.

Селото Гајос е главен град на Паксос и централно пристаниште на островот. Веднаш штом ќе влезете во Гајос, ќе видите две зелени острова. Островот Панагија и островот Св. Никола. На островот Св. Никола ќе наидете на венецијанска тврдина изградена со помош на дизајнот на познатиот италијански уметник Леонардо да Винчи. Ако сакате да ја посетите тврдината, мора да добиете дозвола од општината. Не треба да  ја пропуштите и посетата на Музејот Паксос, општинската галерија и прошетката по тесните патишта.

На северната страна е селото Лака, скриено во пристаништето во форма на потковица. Ова е многу популарно место за пливање и за спортови на вода. Исто така, неверојатно е тивко и има прекрасни таверни. Може да ги посетите светилникот и црквата Ypapanti.

На источната страна е лоцирано рибарското село Логос. Тоа е најмало, но исто така и најживописно од овие три. Камените куќи и шарените прозорци се едноставно фасцинантни. Неколку барови и ресторани го опкружуваат пристапот до вода, а тука се наоѓа и одлична пекарница. Постојат одлични таверни во Логос, кои се многу популарни меѓу локалното население и туристите, па затоа вреди да резервирате маса. Една чаша вино на зајдисонце на тераса, со поглед на морето е едно од најубавите искуства што некогаш ќе го доживеете. Баровите служат свежо овошје и алкохолни коктели, како и широк избор на пијалаци и кафе.

Кога ќе стигнете до овие места, оставете ги нозете сами да си одат низ островот. Постојат многу пешачки патеки низ маслиновите дрвја, каде што ќе видите стари села и цркви. Може да одите преку западниот брег и да го посетите Tripitos – импресивен камени лук, или да уживате во драматичните бели гребени Erimitis, како и напуштеното село и да направите неколку одлични фотографии.

Кога добро ќе го разгледате Паксос, упатете се кон помалиот Антипаксос. Ова е навистина мал остров (само 4 километри долг), целосно недопрен, навистина идеален за одмор ако сакате вистински да побегнете од сѐ. Нема продавници, нема вистински патишта. На островот има само неколку таверни, неколку расфрлени куќи и лозја.

Во Антипаксос (Аntipaxos) ќе најдете мир и тишина, прекрасни плажи, како што се Vrika и Voutoumi, познати по своите чисти води и глетка што го одзема здив. Vrika има чист бел песок, а на Voutoumi песокот се наоѓа под површината на водата.

Бродовите еднаш дневно ги носат посетителите од блискиот Паксос. Кога последниот брод ќе го напушти ова место во доцните попладневни часови, целосен мир го „заробува“ островот, сонцето заоѓа, а ѕвездите и месечината го покажуваат целиот свој сјај.

Иако островите Паксос и Антипаксос се многу мали, сепак, никој оттаму не си заминува со празно срце и без многу спомени. •

 

Маргита Поповска

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.