OPEL ZAFIRA LIFE-ЗА ТИЕ ШТО УМЕАТ ДА УЖИВААТ ВО ЖИВОТОТ

02/04/2021

Топлиот период од годината ја отвора сезоната на прошетките, на викенд патувањата, но и на авантуристичките повеќедневни излети.

Што велите за доручек на едно место, ручек на друго, а вечера на трето, некаде покрај езеро или река? Мислите тоа ќе ви го овозможи хотел од А категорија со пет ѕезди, базени и останати удобности? Или можеби ќе го доживеете тоа во некоја супер луксузна туристичка населба? Сигурно не. Тие што не кампирале, не можат воопшто да се вклучат во разговоров, затоа што нема да знаат за што разговараме, иако кампирањето веќе е дел од еден современ вид на туризам.

Опел е тој што се погрижи да ги објасни горенаведените прашања. Неговиот модел „зафира лајф“ во соработка со стручните лица од компанијата Кроскамп е доработен и претворен во мала, но крајно употреблива куќа на тркала која во целост ги задоволува патувачките апетити на едно семејство. Во доработеното возило имате сè што ви е потребно за кампирање.

Што нуди изведбата „кроскамп лајт“? Имате од сè по нешто што ви е неопходно, поточно сè што е во служба на рационалното, практичното и употребливото. Прв на списокот е наведен 13 литарскиот фрижидер сместен меѓу предните седишта, потоа крeветот со димензија 140 х 200 цм. Со преклопување на задната клупа го добивате овој кралски удобен кревет, а има уште два сместени во подвижниот покрив. При готвењето од голема помош ќе ви биде решото на гас (плин), уред кој ви овозможува да готвите надвор. Точно 4,95 метри должина и само 1,99 метри висина, тоа се димензиите на возилото во кои е сместено сè, дури и разните потребни нешта за пријатен престој насекаде каде ќе ви текне. Со супер луксузниот хотел не ќе можете да патувате каде ќе посакате, туку ќе бидете „заковани“ во просторот строго определен за појадок, ручек и вечера.

Возилото „опел зафира лајф кроскамп лајт“ ги има сите потребни системи како и обичниот модел, а идните сопственици наскоро ќе можат да бираат со каков мотор да биде опремен нивниот примерок. На списокот од сериска опрема се наоѓаат многу нешта, но ако некои посакуваат побогата опрема, Опел подготвил список со опрема која може да се добие со доплата. Така и треба, за секого по нешто. Во текстов не беше битно да ги нагласиме техничките особини на возилото, туку неговата примена како возило за уживање.

Тие што знаат како се ужива и како се живее животот, тие ќе го одберат Опел заедно со неговиот модел „зафира лајф кроскамп лајт“, а останатите хотелот и на него сличните места. Не е сеедно да можете да бирате каков пејсаж сакате да гледате, или да бидете сместени во простор ограничен со ѕидови и тешки завеси. Колку е убаво да се разбудите во „соба“ со поглед на планински врвови, голема цветна долина, или, пак, езеро.

За поцелосни информации и цената на возилото обратете се кај увозниците на возилата Опел.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.