Светот многу добро го памети моделот „манта“. Во 70 и ‘80 години од минатиот век беше еден од најпосакуваните модели и рака на срце, автомобилот имаше најубав дизајн и беше обожуван не само од младата туку од сите генерации на возачи. Немаше вљубеник во автомобилите, а да не посака во гаражата да го има овој модел на Опел.
Некогашното опелово купе најверојатно повторно ќе се појави на средината од оваа декада, во 2025 година. Може да биде година порано или подоцна, но засега од Опел стигнуваат вести дека модел со име „манта“ повторно е во игра. Тоа значи дека новата „манта“ е во дизајнерскиот оддел, се прават скици, нацрти и што уште нè.
Во сета оваа приказна има еден миг што е повеќе од битен, ако некогаш „манта“ беше синоним за спортско купе, наскоро тоа исто име ќе стои на „сув“ модел на електричен погон. Точно е тоа со „сув“ возилата, тие се најпосакувани во денешно време и таквите облици најбрзо и најмногу се продаваат, но зошто се брише фантастично занимливата историја на купето и сега се возобновува во облик кој воопшто не е во содејство со името.
Дали автомобилот ќе биде задвижуван од мотор со внатрешно согорување или електромотор, тоа не е воопшто важно, туку бришењето на многу успешниот купе модел „манта“, кој сега треба да биде заменет со поинаков дизајн. Засега е така, а што навистина ќе се случи, ќе треба да почекаме уште некоја година.
Жарко Атанасоски