Пред сè ова е смел и над сè елегантен чекор на Опел. Им покажа на сите како да се биде посебен и современ во ера кога електромобилите и дигитализацијата го водат орото во автомобилската индустрија. Нивниот легендарен купе модел „манта“ кој се произведувал на крајот од 60-те и почетокот на 70-те години од минатиот век, претрпел неколку измени во полза на електрификацијата и го добил името „манта гс е електро мод“. Наместо обичните светла за сигнализација, поставени се светла со „лед“ технологија, потоа наместо обичниот, ставен е електромотор кој ги задвижува задните тркала преку четиристепен обичен менувач. Возачот може да бира како ќе го вози автомобилот – менувајќи брзини, или да го одбере четвртиот стeпен на пренос и таму да ја остави менувачката рачка, а потоа возилото ќе се однесува како и секое друго електрично, една брзина и толку од менувањето. Силината која е добиена од електричниот агрегат брои 147 КС (108 kW), а за нивното напојување се грижи 31 kWh батерија со чија помош автомобилот може да измине најмногу од 205 до 210 километри.
Производителот не ги наведува останатите особини на „опел манта гс електро мод“, а уште помалку ги спомнува брзинските способности. Ги нагласува дигиталните додатоци во патничкиот оддел, како на пример 10 инчната табла со инструменти како замена за аналогните и 12 инчниот екран сместен на врвот од централната конзола. Потоа ги спомнува 17 инчните алуминиумски тркала од проиводителот Ронал и тука завршува приказната со описот на „мантата“, но затоа не заборави да каже дека воопшто не се размислува автомобилот да мине во сериско производство. Така и ова купе како и многу други ќе заврши, за жал, во некој музеј или музејско депо.
Жарко Атанасоски