Омода, уште една марка од Далечниот Исток, поточно од Кина, производител кој настојува да фати корени на европскиот автомобилски пазар. Ако марката е непозната за пошироката јавност, треба да нагласиме дека оваа марка не е сама, туку е во сопственост на гигантот Чери, многу сериозен играч во светската автомобилска индустрија. На Салонот за автомобили во Пекинг, Омода го претстави моделот „7“, возило за забава (сув) со пет седишта и 4,62 м должина. Хибридниот погон има технолошки напреден уред за штедење на енергија (режим на возење наречен „екстремна заштеда на енергија“) со чија помош „омода 7“ може да измине фасцинантни 1.250 км. Ако „омода 7“ се вози само на електричен погон ќе измине не повеќе од 100 км.
Според класата во која припаѓа (и димензиите: 4.621 х 1.872 х 1.673 мм), „омода 7“ директно ќе се сретне на пазарот со: „алфа ромео тонале“, „митсубиши еклипс крос“, „тојота рав 4“, „форд куга“ и останатите од друштвото.
Инаку ова е втор модел на Омода, претходниот е именуван како „5“ и е за скоро 20 см покус, односно неговата должина е 4,4 м и веќе се продава во некои земји од континентов. Секако дека со вториов модел продорот ќе биде поубедлив. Засега производителот даде многу малку детали за возилото, иако неодамна имаше светска премиера, но нагласи дека продажбата е закажана за првата половина од 2025 година.
Жарко Атанасоски