На 29 мај, „Транспорт и животна средина” (T&E) објави анализа која покажа дека само 10 милиони од вкупно 43 милиони дизел автомобили и комбиња, кои беа фатени во скандалот со емисии „Дизелгејт“, се повлечени од 2015 година досега. Анализата беше спроведена во врска со извештајот на Комисијата за состојбата со „Дизелгејт“.
Анализата на Т&Е констатираше регионален диспаритет на стапката на повлекување во ЕУ. Во Централна и Источна Европа само 55% од автомобилите на Volkswagen Group се повлечени во споредба со 83% во Западна Европа. Покрај тоа, Т&Е изјави дека дел од ваквите дизел автомобили од Западна Европа се испраќаат во земјите од Централна и Источна Европа, истакнувајќи дека во 2017 година 350.000 употребувани дизел автомобили, главно од Германија, биле извезени во Полска.
Во моментот, автомобилите можат да се продаваат на пазарот на ЕУ откако ќе бидат одобрени во една земја-членка, но не постои европски систем кој ќе обезбеди унифицирано повлекување на автомобили. Новите правила кои се однесуваат на повлекување на автомобили ширум ЕУ ќе се применуваат само на новите автомобили што ќе се продадат од септември 2020 година.
Т&E, исто така, ги спореди стапките на повлекување кај производителите на автомобили. Пронајдено е дека Opel Cascada и Zafira имаат особено ниска стапка на повлекување (12%), додека марките Mercedes V и Vito се проценети на 92%.