Очила за сонце-НЕ ШТЕДЕТЕ ПРИ КУПУВАЊЕТО

03/07/2020

ОПТОМЕТРИСКИТЕ ЕКСПЕРИМЕНТИ ПОКАЖУВААТ ДЕКА СИНАТА БОЈА РЕЛАКСИРА, ЦРВЕНАТА ГО ЗАБРЗУВА ПУЛСОТ И ГО ЗГОЛЕМУВА КРВНИОТ ПРИТИСОК, ДОДЕКА НАЈЗАБЕЛЕЖИТЕЛНА Е ЖОЛТАТА „ЛИМОН“ БОЈА. БЕЛАТА БОЈА Е НАЈЗАБЕЛЕЖИТЕЛНА НОЌЕ, А ЖОЛТАТА ПРИ ОБЛАЧНО ВРЕМЕ И ВО СНЕЖ ЕН ПРЕДЕЛ. ЦРВЕНАТА БОЈА НОЌЕ СЕ ЗАБЕЛЕЖУВА КАКО ЦРНА.

 

Очилата кои отстрануваат дел од сината светлина, која особено им пречи на возачите, штитат од ултравиоле- тово зрачење. Денес, по правило, очилата од познатите производители се произведуваат со сите параметри за заштита, но факт е дека е подобро да се носат и несоодветни очила за сонце отколку никакви. За да бидат пријатни за носење, очилата за сонце мора да бидат доволно темни, затоа што тие ја ублажуваат големата светлина, особено ако сме на планина на која има снег, каде што штетното зрачење е значително поголемо. Се препорачуваат зелена, сива, кафена боја за заштита, додека другите бои ги менуваат природните бои на средината и всушност се само моден детаљ. Затемнетите стакла се пријатни за носење кога има силен извор на светлина, но пречат во случај на нагли промени на количеството светлина или во затворени простории, бидејќи на окото му е потребно одредено време за да се прилагоди на светлосните промени.

Истражувањата покажуваат дека долготрајното изложување на ултравиолетови и на инфрацрвени зраци им штети на очите. Чувствителноста на овие зраци не е подеднаква кај сите, односно почувствителни се оние кои имаат посветол тен. Добро избраните очила за сонце можат значително да го намалат сјаењето, да ја подобрат изразеноста на предметите и да придонесат за чувство на пријатност во услови на сончевост.

Фоточувствителните контактни леќи се користат речиси четириесет години. Тоа се леќи кои го менуваат затемнувањето во зависност од јачината на изворот на штетните ултравиолетови зраци од сонцето. Во темнина тие се обоени 15 отсто, додека надвор потемнуваат дури за 75 отсто. Кај првата генерација на чувствителни леќи затемнувањето одело многу бавно, а било потребно и многу време за да осветлат, дури 12- 15 минути. На денешните брзи фоточувствителни леќи им се потребни само 30 секунди за да постигнат затемнување од 85 отсто и многу брзо се враќаат на целосна проѕирност. Тоа е особено важно за возачите кога влегуваат во недоволно осветлен тунел. Фоточувствителните леќи ги впиваат ултравиолетовите зраци, а освен зрачењето, на потемнетите леќи влијае и топлината на воздухот.

Денес, главно, се користат пластични фоточувствителни леќи. Во САД и во многу европски држави постојат закони со кои се штитат корисниците на очила во случај на сообраќајни незгоди, затоа што стаклото може да се распрсне и сериозно да го повреди окото. Поради тоа, пластичните леќи се посигурни и подобри, а особено се соодветни за очила со диоптрија поради еднаквото затемнување на сите делови. Кај минералните (стаклените) контактни леќи, подебелите делови посилно се затемнуваат. Леќите можат да бидат облагородени со разни слоеви кои ќе ја спречат играта на светлината, одблесокот од површината на водата, од снегот, од песокот, што особено пречи во текот на летото и на поголеми височини. Поради тоа потребни се соодветни очила против сонце, со поларизирани леќи и со антирефлексен слој на внатрешната страна, затоа што така значително се подобрува природната боја.

НАЈБРЗО СЕ ГЛЕДА ЖОЛТАТА БОЈА

Се проценува дека повеќе од 90 отсто од информациите за сообраќајот возачот ги прима преку сетилото за вид, што значи дека визуелното предупредување е клучно за неговото однесување и за постапките. Во Европа – 26,8 отсто, а во Северна Америка – 31,2 отсто од незгодите се случуваат во квечерина или ноќе.

Забележувањето на возилата зависи од периодот на денот, од метеоролошките услови, од бојата на патот и на околината. Влијанието на бојата на возилото врз безбедноста на сообраќајот е комплексно, затоа што различни студии докажуваат дека бојата влијае на сообраќајните незгоди, на ориентацијата и на безбедноста, може да придонесе за зголемување на напорите, за замор, за намалување на визуелната перцепција и слично.

Истражувањата покажуваат дека сината боја релаксира, црвената го забрзува пулсот и го зголемува крвниот притисок, додека најзабележителна е жолтата „лимон“ боја. Белата боја е најзабележителна ноќе, а жолтата при облачно време и во снежен предел. Црвената боја ноќе се забележува како црна.

Надворешната светлина и светлосната сигнализација на возилото овозможуваат осветлување на патот, со кое се обележува положбата на возилото и укажува на активностите кои возачот има намера да ги направи на автопатот. Во текот на вршењето услуги, како помош на пат, интервенција на полицијата, на службите од патот, итната медицинска помош и пожарникарите, битно е да се обележи положбата на интервентното возило на патот. За тоа се користат ротациони „трепкачи“ или силни светла на жолта, сина, црвена боја или на комбинации од бои. При тоа, сепак не треба да се запостават придружните несакани ефекти на заслепување на возачите и одвлекување на вниманието од управувањето со возилото.

 

Жарко Атанасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.