Нисан деновиве се огласи со известување за спортскиот модел „з“ кој требаше да се појави неколку месеци порано, но поради познатата состојба во светот првичното претставување пред јавноста беше одложено, затоа сега производителот го нагласува датумот 17 август како ден кога Нисан за првпат ќе ја прикаже новата генерација од популарниот купе модел кој во името ја има буквата „з“. Сè уште е непознато како ќе биде именуван новото купе, но според озборувањата во игра се две опции, едната е само „нисан з“, а другата „нисан 400 з“.
Всушност оваа генерација на купето „з“ која допрва треба да се појави е правено на шасија од претходникот, но со мноштво подобрувања нарочно во управувањето и дополнителните подесувања во обесувањето на тркалата. Речиси сите елементи на подвозјето претрпеле темелни доработки заедно со севкупниот сопирачки систем, но и големината на пневматиците е сменета, наместо досегашните 20 инчни, вградени се тркала од 19 инчи.
Моторот кој ќе се вградува е со шест цилиндри поставени во V со работна зафатнина од 3,0 литри. Погонската единица е снабдена со двоен турбо компресор што значи повеќе силина од вообичаените возила со една турбина или во превод тоа се точно 400 КС на располагање. Таа силина се пренесува на задната оска преку шестстепен обичен менувач, а ќе се нуди и автоматски со седум брзини. Нема да биде изненадување ако Нисан понуди и изведба со погон на двете оски, затоа што таа конфигурација производителот ја има и веќе се вградува во „инфинити ку 60“.
Според кажувањата на главниот дизајнер Алфонсо Албаиса како основа за развој на обликот на новото купе земени се, или се позајмени линиите од сите претходни генерации. Оваа негова изјава нè упатува во правец на ретро дизајн, а гласови се шират дека дизајнот нема да биде којзнае колку поинаков од концептот „з прото“ претставен минатата година во септември. Се чини производителот при изложување на концептот „з прото“, всушност го претставил предвреме серискиот модел, а сета работа за и околу новата генерација од популарното нисаново купе „з“ ја води главниот конструктор Хироши Тамура.
Уште отсега јавните гласила нагаѓаат колкава ќе биде цената на купето „з“. Досега најчесто е спомнувана сумата од 34.500 долари, солидна бројка за така убава збирка од коњски сили, цена која е пониска од таа на конкуренцијата. Местото каде ќе се случи светската премиера е Њујорк. Сега некој ќе постави прашање зошто токму овој град, а не некој друг. Затоа што на тамошниот пазар се продаваат најмногу автомобили од овој вид, а и Нисан како марка таму е најпродавана. Логично е што производителот го бира тоа тло за светска премиера.