NISSAN QASHQAI-ТРЕТА СРЕЌА

02/03/2021

Колку за потсетување, Кашкаи – тоа е име на една племенска заедница која живее и опстојува со векови во планинските предели во централниот и југозападниот дел од Иран, а Нисан го позајми нивното име за своето „сув“ возило. 18 февруари е денот кога јапонскиот производител на автомобили за првпат ја претстави третата генерација од моделот „кашкаи“. Овој настан го најавивме во првата третина од месецов, а сега располагаме со детали за сосема новото возило и ред е да ги споделиме со вас читателите.

Кашкаи се појави во 2006 година и оттогаш се произведени пет милиони примероци, од нив добри три милиони продадени на континентов, а два милиони  во остатокот од светот. Тоа доволно кажува за големата популарност на „нисан кашкаи“ на европско тло.

Третава генерација е сосема нова. Платформата на која е направено возилото сега е поцврста за 41 отсто во однос на претходната, но и полесна за фантастични 60 килограми, што е вистинско чудо. Сепак треба да се има во предвид новата технологија и досетливоста на конструкторите. Исто така, го фалат подвозјето кое сега е дотерано до перфекција – конструкторите работеле на прецизното управување и стабилноста на возилото, така што  изведбите се со погон само на предните тркала, одзади е полукрута торзиона оска, додека поврзувањето во повеќе точки е резервирано за моделите со погон на сите тркала, односно на двете оски.

Новиот „кашкаи“ е поголем од претходниот за 35 мм во должина, 32 мм во ширина и 10 мм во висина, но и меѓуоскиното растојание е поголемо за 20 мм, односно сега димензиите се следниве: должина 4.425 мм, ширина 1.838 мм, висина 1.635 мм, а меѓуоскиното сега располага со 2.666 мм. И товарниот оддел е поголем и сега има 480 литри зафатнина, а претходникот 50 литри помалку.

Удобноста при патувањето ја надополнува аудио системот од марката „бос премиум“ со 10 звучници и секако поголемиот простор што го нуди возилото за возачот и останатите. Тука е и новата табла со инструменти, пардон, со екран кој е осетлив или неосетлив на допир. Тоа е. Дигиталната технологија си го прави своето и сега автомобилите се снабдени со секакви уреди, исто и новиот „кашкаи“. Од погонски единици најмногу внимание е посветено на 1,3 литарската со турбо компресор и хибридна технологија. 140 и 158 КС, ови две изведби се нудат, со шестстепен обичен и „цвт“ автомаски менувач. За дизел изведбата потешко, барем засега е така, можеби подоцна Нисан ќе изненади.

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.