Од Далечниот Исток пристигнува сосема новиот Нисанов модел во концепт изведба „магнит“. Всушност, премиерно претставениот концепт е токму тој што ќе влезе во производство, така што тоа „концепт“ можеме слободно да го изоставиме. Севкупната работа е завршена во матичната земја, од првична идеја и нацрти, до прецизни дизајнерски решенија и конструкции. Новиот сув од „б“ класата беше претставен во Индија затоа што таму ќе се произведува и воедно е наменет за тој дел од светот. Какви се плановите за во иднина и дали малиот сув ќе биде распространет низ целиот свет, производителот сè уште не се изјаснил.
Покрај фотографии од надворешниот дизајн, од внатрешниот сè уште нема, иако моделот беше официјално претставен. Скоро четири метри долгиот сув ќе се најде во продажба некаде на почетокот од следната година. Првичните фотографии навестуваат откажување од „V“ линијата на капакот од моторот и предниот дел. Дали е на повидок нов дизајнерски правец на Нисан, или сепак тоа е само чиста случајност останува да се види бидејќи првично моделот „магнит“ требаше да ја носи марката Датсун. Така беше планирано, но Нисан одлучи марката Датсун повторно да ја смести во музеј, а до кога ќе биде така, не се знае.
„Нисан магнит“ ќе биде задвижуван од две бензински единици, односно од една со две силини. Трицилиндричен мотор, атмосферски, чија силина се пренесува на предните тркала преку петстепен обичен менувач. Неговата силина изнесува 73 КС, додека тој со турбо компресор развива 95 КС и кај него покрај обичниот петстепен, ќе се вградува и автоматски „цвт“ менувач. Тоа се севкупните информации за „нисан магнит“, сув возило со должина под 4,0 метри кое ќе се произведува и во Јапонија и во Индија.
Од летово Нисан ќе почне да го вградува новото лого на своите возила. Први таа чест ќе ја имаат моделите „магнит“ и купе сув моделот „арија“. Необично е тоа што логото во вчерните часови ќе свети.