„Икс треил“ или „роуг“ тоа се имиња кои Нисан ги користи за едно исто возило. Во зависност од пазарите возилата носат различни имиња. На пример, за северноамериканскиот автомобилски пазар Нисан го користи името „роуг“, а за европскиот пазар „икс треил“. Кога веќе ја разјаснивме разликата во имињата, да преминеме на светската премиера. Претставувањето мина преку интернетот, а светот имаше можност да ги види првите официјални фотографии и видео материјали. Задоволни или не од дизајнот, четвртата генерација од моделот е веќе претставена и сега се чека на продажбата која ќе започне во доцна есен и во првите недели и месеци од наредната година. Тука треба да се има во предвид светскиот автомобилски пазар и нисановиот интерес каде ќе бидат однесени првите примероци. „Нисан икс треил“ е најпродаваното нисаново возило од класата сув, а неретко во изминативе две децении моделот го наоѓавме и на првото место на оделни пазари. Генерално моделот го бие добар глас како рационално, практично и употребливо возило. Со таа филозофија тргна Нисан при конструирањето на четвртата најновата генерација од спомнатиот модел. Нема ништо поубаво од тоа конструкцијата, производот, да биде во служба на човекот. Според досегашните генерации кои се докажале во пракса, Нисан и овој пат нема згрешено во „пресметките“ за и околу моделот „икс треил“ – „роуг“ и неговата употреблива вредност. Тука треба да се нагласи и тоа колку овој модел е теренско, а колку нетернско возило. До некаде, да, „икс треилот“ е теренско возило, но исклучиво кога се движи низ лесни терени и ако погонот е на сите тркала, додека останатите терени се строго наменети за докажаниот „патрол“. Зошто „икс треилот“ не е теренско возило? Затоа што користи „шасија“ (платформа) од автомобилите во гамата, поточно ја користи нивната самоносечка каросерија.
И покрај неговиот крупен изглед, сепак е покус за скоро четири сантиметри од претходникот. Списокот од мотори е долг и тука повторно игра улога каде возилото ќе се продава, на кој дел од планетава. Едни пазари бараат поголеми, а други помали по зафатнина агрегати. На континентов најмногу ќе бидат застапени агрегати со помала работна зафатнина од тие што се нудат на американскиот пазар.
Безбедносните електроники почнуваат со: детекторот за слепиот агол, потоа предупредување кога возилото го губи правецот и навлегува во друга коловозна лента, систем за ноќно возење, динамичка контрола на стабилноста, додека пропилот технологијата ќе се нуди само во посебни изведби, а не во сите. Производителот нуди погон само на предни или на сите тркала. Силината од моторите ќе се распределува во предната или до предната и задната оска преку обичен и преку автоматски „цвт“. Првичните информации не се толку издашни, така што за деталите околу димензиите, моторите и останатите чинители, ќе почекаме уште некое време.