Во последниве две до три десетлетија ниту еден од производителите на луксузни автомобили не се пожалил дека не му оди добро. И во најкритичните финансиски превирања, оваа група автомобили бележеше рекордни продажби. Единствено Масерати годинава бележи пад во продажбата и групацијата Стелантис е малку збунета, не знае што да прави со оваа марка. Од една страна царува луксузот, а друга марката Дачија бележи продажба како никогаш досега и во овој миг „дачија сандеро“ е најпродаваното возило на европско тло. Не е „308“, не е „500“, не е „голф“, не е „астра“, „корса“, не е „клио“, „меган“, не е „фокус“, туку е „дачија сандеро“. Високиот луксуз го води орото во светот, а орото на континентов го води „дачија сандеро“.
Во тој супер луксуз влегува и новопечената марка Нилу која произведе и ќе произведува супер и ултра луксузни спортски автомобили. Марката Нилу е во сопственост на рускиот дизајнер Александар Саша Селипанов, довчерашен главен дизајнер во Кенигсег, Бугати, Ауди и Фолксваген.
Сега твори во својата работилница Хардлајн 27, сместена на југот од Калифорнија. Таму го создаде своето прво спортско купе наречено „нилу 27“. Првичното прикажување пред светот се случи на 15 август во САД на манифестацијата „Недела на автомобилите“ што се одржува секоја година во местото Монтереј. „Нилу 27“ води директно потекло од формула 1 од минатиот век, кога болидите имаа обичен менувач и немаа „тетрис“ на управувачот. Инспирација е црпена и од болидите учесници на трката 24 часа Леман од ’60 и ’70 години.
6,4 литарски бензински мотор со 12 цилиндри поставени во V со преку 1.000 КС, обичен менувач со седум степени. Монокок конструкција изработена од јаглеродни влакна. Значи чиста сирова снага, стара но добра школа каде таблата со инструменти е чиста класика, а не дигитален екран од типот „ентерпрајс ворп седум“. Единствениот екран е сместен во ретровизорот за подобра прегледност одзади и толку.
22
Првото купе на мајсторот Саша Селипанов ќе биде произведено во само 15 примероци, а потоа ќе следат уште 50 кои ќе бидат хомологизирани. Штом е така, тогаш тие 15 примероци ќе си возат само на тркачките патеки, а тие 50 по нив ќе носат регистрација како и сите хомологизирани автомобили. Цената воопшто не е спомената, а ни испораката на тие први 15 примероци. Важно е тоа што светот го обожува супер луксузот, а „нилу 27“ од пред неколку недели е постојан член на тоа јато. Да видиме како работилницата Хардлајн 27 ќе се снајде со „нилу 27“.