Малку му беше тоа што постави дури 23 рекорди во еден ден, па сега претстави и изведба со нагласени тркачки способности, а не е наменета за трки. „Р како рејсинг“, „р“ како радикал“ или „р како ребел“? Тоа „р“ во името на „римац невера р“, тумачете го како што сакате, но во бројки тоа „р“ е мошне прецизно – од 0 до 300 км/ч за 8,66 сек. Доволно, зарем не!? Крајната брзина е ограничена на 350 км/ч, но со директен надзор од производителот може да биде постигната вистинската крајна брзина од 412 км/ч.
На предниот дел од „невера р“ сега има поголем дифузер (отвор за воздух) кој допринесува за поголем потисок. Штом е игра со потисок, тогаш тој дифузер игра улога на спојлер и овозможува поголема стабилност при возење со големи брзини на правите делови од асфалтот. Изведбата „р“ е правена да овозможи пооштро возење, нагли вртења без извртувања и воедно молскавични реакции на системот за управување и при најмало движење на управувачот. Сите возила имаат проблем со физиката кога влегуваат во свиоците. Ако конструкторите успеат да ги обесат тркалата како што треба и да „изделкаат“ шасија која сето тоа ќе може да го истрпи, заедно со поставеноста на менувачот и распределбата на тежината – ако сето тоа влезе во хармонија тогаш возилото ќе се справува со свиоците. Е сега, некој е поуспешен во играва со стабилноста во свиоците, а некој е за нијанса понеуспешен.
Како мајстор Мате Римац го има решено овој проблем? Производителот има една „алатка“ наречена „римац – ол вил торк векторинг“ однодно „р – автв“. Овој уред е доусовршен и вграден во изведбата „р“, така што тој е главниот што „неверата р“ влегува во свиоците како да оди по шини. Кога на ова ќе ги додадеме врвните пневматици „мишелин куп 2“ тогаш „римац невера р“ ја покажува сета своја дивина – така вели официјалниот извештај од производителот.
2.107 КС, нова батерија со 108 kWh, зголемен потпритисок за цели 15 отсто и 10 отсто поголема аеродинамичност во однос на „обичната невера“. Плус, ексклузивитетот од само 40 примероци нѐ носи до фантастични 2,3 милиони евра. Од нигде никаде, хрватската автомобилска индустрија ги потопи сите други, а најмногу спортските купе автомобили заедно со нивните производители.