Најава-Рели Дакар 2023-СЕ ЧЕКА САМО СТАРТОТ

08/12/2022

45. ИЗДАНИЕ ОД РЕЛИТО ДАКАР ЌЕ СЕ ВОЗИ НА АРАБИСКИОТ ПОЛУОСТРОВ. СЀ Е ПОДГОТВЕНО ЗА БРКОТНИЦАТА НИЗ ПУСТИНСКИТЕ ПРЕДЕЛИ, ЕДИНСТВЕНО СЕ ЧЕКА ДЕНОТ ЗА УЧЕСНИЦИТЕ ДА СЕДНАТ ВО СВОИТЕ ВОЗИЛА И ДА ТРГНАТ НА ПАТ ДОЛГ 9.000 КИЛОМЕТРИ

 

Релито закажано за 2023 год. ќе се вози во Саудиска Арабија. Ова е четврти пат релито да се одржува на едно исто место и тоа едно по друго секоја година. До пред четири години релито се одржуваше во Јужна Америка каде учесниците – возачите не виделе толку многу публика во цела историја на релито. Дури им беше чудно како релито Дакар има толку многу популарност. И покрај големата посетеност со бројки од неколку стотици илјади гледачи, сепак организаторот пред четири години реши релито да го пресели на Арабискиот Полуостров.

Стартот е закажан за 31 декември од местото Јанбу сместено на бреговите на црвеното море, а целта е на другата страна од полуостровот на брегот од Персискиот Залив, односно местото Дамам. Трасираната рели патека е долга скоро 9.000 км, а учесниците истата ќе треба да ја извозат во рок од 16 денови со еден ден одмор.

Големите имиња и овој пат нема да изостанат. Тука се Стефан Петерхансел, Карлос Саинц, Сирил Депре, Хуан Нани Рома, Себастијан Лоеб, Жињел де Вилерс, Мартин Прокоп, Орландо Теранова, Рики Брабец, Сем Сандерленд, Пабло Квинтанила, Тоби Прајс, Руи Гонкалвес, Јозеф Мачацек. Не се присутни само имињата на најискусните, туку и имињата на големите дами: Сара Гарсија, Одри Росат, Лаиа Санц, Андреја Лафарија, Кристина Гутиерез Хереро, Данија Акел, Камелија Лапароти, Анет Фишер и Анет Сил, Марија Опарина, Машаел Алобадан, Мерсе Марти и Маргот Љобера, Паскале Жафрен и Франсис Хлендер,Моли Тејлор, Татјана Сичева, Ејми Лернер и Сара Кармен Босае, Ребека Буси, Одри Сирејол, Олга Ручкова и последната од официјалниот список е Ноеми Родригез Морено.

Тука е и неговото величество Камаз кој владее со релито Дакар и со пустините со децении. Конкуренцијата засега е немоќна да се справи со руската машинерија, која неретко е осамена на подиумот, односно сите места се резервирани за Камаз. Кога сме кај камионите да ги споменеме семејствата Де Рој и Сугавара кои се присутни скоро 30 години во релито. Сугавара е присутно, го има во списокот но, овој пат, семејството Де Рој отсуствува од официјалниот список на учесници, а во досегашните извештаи нема ништо наведено што се случува и зошто легендарниот Де Рој не е на списокот.

Како што велат организаторите, 45. издание на релито Дакар ќе биде најдолго од досегашните што се возеле на полуостровот, ќе има повеќе песочни дини и етапите кои ќе бидат потешки за возење.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.