ГРАДОТ МИНХЕН ПОВТОРНО Е ДОМАЌИН НА АВТОМОБИЛСКА ИЗЛОЖБА. НО ВО СЕПТЕМВРИ НЕ Е САМО ИАА ВО МИНХЕН ТУКУ И НАИАС ВО ДЕТРОИТ. ДОСЕГА НЕ СЕ СЛУЧИЛО ДВА ОД ПЕТТЕ СВЕТСКИ НАЈГОЛЕМИ САЕМИ ЗА АВТОМОБИЛИ ДА БИДАТ ОРГАНИЗИРАНИ ВО ЕДЕН МЕСЕЦ
Новите времиња носат и многу новитети. Некогаш автомобилските саемски манифестации се одржуваа во огромни хали, но денес тоа е минато. Само во некои градови низ светот сѐ уште се одржува традицијата, а повеќето организатори ги прават изложбите низ централните градски подрачја, под отворено небо. Една од најголемите светски манифестации посветена на автомобилите што секоја втора година се одржуваше во Франкфурт, денес добива сосема поинаква димензија. На некој начин Франкфурт е веќе заборавен, а организаторот има план да се организира низ повеќе градови. Годинава изложбата ќе се одржи во Минхен и во текот на една недела сите учесници ќе бидат сместени во централниот дел од градот под отворено небо. Секој ќе има можност да ги видат најновите остварувања во светската автомобилска индустрија. И на претходната изложба Минхен беше град домаќин, така што ова е негово второ издание.
Н
Според распоредот на часови, изложбата свечено ќе биде отворена во вечерните часови на 4 септември, а официјално ќе трае од 5 до 10 септември. Светската автомобилска индустрија ќе биде поделена на седум, односно осум локации во центарот на Минхен: Лудвигсштрасе, Одеонсплац, Кенигсплац, Ресиденцхефе, Вителсбахерплац, Макс-Јозеф-Плац, Мариенплац и Хофгаренплац. Посетителите ќе имаат ретка можност да ја посетуваат изложбата колку сакаат и тоа бесплатно. Покрај пријавените околу 800 изложувачи, организаторот ветува добра забава со познати лица од светот на музиката, потоа патека за тестирање возила, многу катчиња, работилници за совети за безбедно возење и уште многу нешта поврзани со четирите тркала.
На претходното издание одржано во 2021 година изложбата ја посетија 407.379 лица од 95 земји, од кои дури 71 отсто помлади од 40 години. Покрај автомобилите биле изложени и 75 марки на мотоцикли. Биле направени 8.846 тест возења, а во сето тоа помогнале 744 изложувачи од 32 држави. Сѐ ова се случувало на површина од 90.299 м2, а било покриено со дури 3.500 акредитирани новинари од целиот свет.
Очигледно организаторот на годинашнава автомобилска изложба не ќе може да ги изброи посетителите, но сигурно ќе ја надминат бројката од два милиона посетители.
И сега, како и минатиот пат, ќе отсуствуваат голем број производители на автомобили. Некогаш се бараше штанд повеќе, сега има многу слободни, но нема изложувачи. Фиат Пежо, Цитроен, Масерати, Џип, Крајслер, Тојота, ГМ, Јагуар, Ленд Ровер, Мекларен, Волво, Киа, Хјундаи, Полстар и уште многу други, а домашните производители Ауди, БМВ, Мерцедес, Порше и Фолксваген ветуваат постојано присуство на овој саем. Покрај нив ќе бидат присутни Рено, БЈД, Континентал, Самсунг, ЛГ, Бош, Квалком, но и тие на две тркала како Спешлајзд. Може да се забележи дека нема речиси 85 отсто од производителите на автомобили. Споменативе се од списокот на топ 30 изложувачи. Сликата е лоша, а сегашнава состојба повеќе личи како производителите да не сакаат да се видат еден со друг. Од слични причини најголемиот меѓу најголемите, Женева, веќе неколку години го одложува отворањето на вратите за изложувачите и публиката.
Ова се времиња на превртливост и превирања. Големата петорка, Женава, Пекинг / Шангај, Париз / Франкфурт, Детроит, Токио, сѐ уште постои на хартија, но дали ќе се врати некогашниот сјај тоа ќе зависи исклучително од организаторите на овие саеми. Да видиме што ќе се случи во Минхен, а од 13 до 25 септември гостите на исто таква изложба ги пречекува Детроит. Таму организаторот ќе има најголема поддршка од Форд, ГМ и Стелантис, а дали ќе пристигне јапонската, германската, корејската и другата автомобилска индустрија, допрва ќе видиме.
Никогаш не се случило големата петорка да организира две изложби во еден месец.