ВО УСЛОВИ КОГА НЕМА ВИСТИНСКА ТРКАЧКА АКЦИЈА, ГЛАВНИТЕ ПРОТАГОНОСТИ ОД НАЈПОПУЛАРНИТЕ ПРВЕНСТВА ИМААТ ТЕШКА УЛОГА ДА ПРОДОЛЖАТ ДА БИДАТ ИНСПИРАЦИЈА ЗА МИЛИОНИ НАВИВАЧИ ШИРУМ СВЕТОТ.
Италијанската екипа од најгламурозното светско првенство на две тркала, Дукати, испрати до светската јавност соопштение во кое ги нуди размислите на својот возач Андреа Довициозо на темата што го окупира светскиот интерес – пандемијата од коронавирусот.
Популарниот „Дови“ како и секој друг човек кој е загрижен и за сопственото здравје, но и за останатите околу него, смета дека изолацијата во сопствениот дом е добра шанса за секој што се жалел дека нема време.
– Никој не очекуваше дека ситуацијата ќе се развие волку лошо, тоа е навистина чудно. Сега е од пресудно значење да се остане дома. Знам дека е тешко, но сите мора да разбереме дека надвор треба да одиме само ако имаме огромна потреба. Изгледа дека таа мерка помага и сите треба да продолжиме така. На почетокот и мене ми беше тешко. Мојата девојка и јас работевме низ куќата, но сега нештата малку се сменија бидејќи ни се придружи и ќерка ми, па имам обврски и околу неа. Но, исто така, можам да кажам и дека тренирам понапорно од кога и да било. Во нормални околности, имаме малку време, нашиот распоред е исполнет. Треба да тренираме, но треба и да одмараме бидејќи ни треба енергија за тркачкиот викенд. Сега можам да тренирам колку што сакам!
Довициозо открива и дека сепак има и некои спортисти кои не мируваат, па ги следи некои мотокрос натпреварувања на други континенти, бидејќи и самиот е голем фан на овој спорт.
– Се обидувам и самиот да возам мотокрос и да го следам. Во САД сè уште им е дозволено да се тркаат. Со задоволство гледам што прават, за мене тоа е еден вид на полнење на батериите. Осврнувајќи се на она што го очекувал од новата сезона во 2020 година, која требаше да започне на 8 март со трката во Катар, возачот на Дукати потсетува дека имале две тестирања пред почетокот од сезоната.
– Сметам дека тие две тестирања не се доволно, едноставно нашето тело не е подготвено за толку километри одеднаш во три дена едно по друго. Цело време испробуваме нови нешта, па мора да донесеме одлуки во кои треба да бидеме убедени, за да го продолжиме развојот. Затоа и не сум премногу брз на тестирањата. Сакам да ги испробам нештата во вистинско време и со извесен тип на пневматици, за да можам да дадам некаков повратен одговор. Познато е дека за оваа сезона тие на располагање ќе имаат и нови пневматици од Мишелин, за што Довициозо вели дека најпрво бил разочаран.
– На почетокот ми личеше дека новите гуми не се адаптираат добро на нашиот возачки стил и на нашите карактеристики. Сепак, на крајот, можевме да го подобриме генералното чувство за моторот, додека тестиравме во Катар. Но, тоа не значи дека сè ќе биде во ред и на другите патеки. Задните пневматици се различни, имаат влијание и врз предните. Извозевме многу кругови, но на ниеден тест не можете да ги создадете истите услови како во трка.
На крајот, Андреа Довициозо вели дека и покрај сè, неговите цели за сезоната нема да се променат.
– Се разбира, во секоја нова сезона влегуваме со идеја да се бориме за титулата. Дали е тоа е можно ќе откриеме за време на сезоната. Никогаш не е лесно бидејќи има многумина што се брзи. Тешко е да си најдобар, но мора да размислуваш така за да станеш најдобар!