МОТО ГП-ШЕСТ ПОБЕДНИЦИ ВО СЕДУМ ТРКИ!

01/10/2020

ПОВРЕДАТА НА МАРК МАРКЕЗ ВО ПРВАТА ТРКА ОД СЕЗОНАТА, ПО КОЈА АКТУЕЛНИОТ СВЕТСКИ ШАМПИОН МОРАШЕ НА ОПЕРАЦИЈА, А ПОТОА И НА РЕХАБИЛИТАЦИЈА, ДОНЕСЕ СЕЗОНА ВО КОЈА МЛАДИТЕ НАДЕЖИ ДОБИЈА ВИСТИНСКА ШАНСА ДА ПОКАЖАТ КОЛКУ ВРЕДАТ.

 

Иако трката во МотоГП не се одржа, организаторите го водат настанот во Катар како прв во сезоната поради трките од пониските категории. Кога се гледа само МотоГП класата, во 2020 година почнувајќи од 18 јули се извозеа седум трки, од кои две во Херез, една во Брно, две на австрискиот Ред Бул Ринг и две на италијанската ривиера крај Римини.

Незгодниот старт на сезоната за Маркез значеше дека ривaлите ќе добијат шанса, но првично се очекуваше тој да се врати за трките во Италија, по што беше лиферувана веста дека рехабилитацијата ќе трае подолго и тој нема да брза со камбекот. Фабио Квартараро освои две победи на стартот во Херез, но потоа расплетот на нештата им дозволи на ривалите да го стигнат, а некои од нив како Брат Биндер со триумфот на КТМ во Брно, да испишат и нова историја во Мото ГП.

Драматичната сезона донесе и неколку трки во кои оние кои финишираа со право би можеле да се наречат и среќни, поради другите инциденти кои се случија попатно. Така, првата австриска трка го донесе фамозниот судир на Морбидели и Зарко, по што мотоцикли летаа низ воздухот како проектили, а сантиметри беа во прашање кога на видео снимките беше откриено дека тие би можеле да ги усмртат Валентино Роси и Маверик Вињалес.

Во рестартот славеше Андреа Довициозо, додека Жоан Зарко кој беше обвинет за инцидентот, беше казнет со старт од бокс на следната трка без оглед на пласманот во квалификациите. Зарко истовремено заработи и фрактура на раката, па по направениот оперативен зафат јасно е дека ќе ги пропушти тренинзите во петок. Подоцна ќе биде решено дали ќе учествува во квалификациите и на трката.

Втората трка на Ред Бул беше насловена како Голема награда на Штаерска, а, исто така, беше одбележана од еден инцидент на Маверик Вињалес, поради кој имаше прекин по 16 круга, а потоа рестарт за да се доврши предвидената должина од 28 круга. Во таквиот формат, на крај најдобро се снајде Мигуел Оливеира кој освои уште една победа за КТМ пред Милер и Еспаргаро, додека фаворитите „потонаа“.

Доаѓањето на МотоГП во Италија, на познатата патека крај Римини, насловена по трагично загинатиот ас Марко Симончели, му донесе среќа и прва победа на Франко Морбидели од сателитскиот тим на Јамаха. Италијанецот со убедливи перформанси стигна до победaта, а големи беа шансите за комплетен подиум на домашните возачи со Франческо Бањаја на Дукати како втор и Валентино Роси на третото место, што ќе значеше 200-ти подиум во кариерата на „докторот“. Сепак, во последниот круг Шпанецот Жоан Мир наплати за пропуштеното во втората австриска трка (каде што водеше во моментот на прекинот), па го престигна Роси за третата позиција. Уште двајца Шпанци се најдоа зад нив, односно Ринс и Вињалес, а до десеттото место се пласираа Довициозо, Накагами, Милер и П. Еспаргаро.

За комплетна драма на втората трка во Римини, овој пат возена како трка за Големата награда на Емилија Ромања, повторно се погрижија италијанските возачи. Франческо Бањаја водеше и излета, додека Фабио Куартараро беше казнет со три секунди. Тројца шпански мотоциклисти се најдоа на подиумот предводени од Маверик Вињалес, додека Жоан Мир уште еднаш докажа дека добрите перформанси на Сузуки не се случајни, па го остави Пол Еспаргаро со КТМ на третото место. Трагичар и на оваа трка во Римини беше Валентино Роси, кој го прославуваше својот 250 настап, но наместо славенички резултат имаше рано излетување.

– На тренинзите имав лошо чувство за моторот, но ситуацијата ни даде можност да се подобриме кога дојдовме до штелување на моторот за трката. Гледано наназад, среќен сум за тие маки во петокот, бидејќи многу напредувавме со штелувањето за следните два дена. Мора да останеме со нозете на земја и да разбереме дека сѐ уште треба да се подобруваме, на секоја трка! Овој пат го менувавме балансот, па чувството беше сосема поинакво при силно сопирање, па така можев да извадам повеќе од потенцијалот на конструкцијата особено при сопирање и со брзината низ свиоците. Засега не размислувам многу за титулата, гледам да ми биде забавно и да го развиваме максимумот на моторот. Треба добро да се подготвиме за следната година, а оваа сезона на секоја трка учиме по нешто, па ќе биде многу важно така да продолжиме и на останатите, – изјави победникот Маверик Вињалес, кој и на двете трки во Римини ја освојуваше пол позицијата.

Пласманот на Куартараро на четвртото место, а на Довициозо како осми, донесе нивно повторно изедначување на врвот од табелата, каде што сега им се приклучи Маверик Вињалес. Имено, Довициозо со Дукати е прв со 84 бода, но Квартараро и Вињалес со по 83 се веднаш до него. Жоан Мир со неколкуте добри пласмани во низа стигна до 80 бода и ја заокружува листата на возачи со шанси за шампионската титула.

МАРКЕЗ ГО ТЕМПИРА ВРАЌАЊЕТО ЗА АРАГОН?

Актуелниот Мото ГП шампион Марк Маркез беше најголем фаворит за титулата и оваа сезона, но падот уште на првата трка во Херез очигледно ги елиминираше шансите за негов нов триумф во најелитната класа. Првично, неговиот камбек се очекуваше во Римини, но потоа беше лиферувана вест за негова подолготрајна рехабилитација. Со оглед на тоа што трката во Барселона е закажана веднаш по Римини (на 27 септември), доколку возачот на Хонда не направи изненадувачка појава, таму, се верува дека тој ќе биде назад во седлото за двете трки во Арагон кои се закажни во октомври. Шпанецот веќе години наназад доминира на оваа патека и се очекува тој ако е целосно закрепнат, да биде главен фаворит за победите во двете трки на Арагон!

РОСИ ЌЕ ПОТПИШЕ НОВ ДОГОВОР ВО БАРСЕЛОНА?

Иако првата во Римини донесе возбуда за навивачите на деветкратниот светски шампион Валентино Роси, втората беше комплетно разочарување. Сепак, „докторот“ во свој стил повторно ги освои насловите споредувајќи се самиот со она што го прикажал на претходните две трки во Австрија.

– Во Австрија се чувствував како да имам 50 години, а денеска 20 помалку! Ситуацијата за догодина е иста како пред две-три седмици. Не се брзаме, најголемиот дел од работата е завршен, остана уште нешто да прецизираме со Јамаха. Мислам дека 99 проценти ќе се тркам и наредната сезона, оној еден е само поради тоа што договорот не е потпишан. Можеби тоа ќе се случи за две седмици во Барселона, – изјави Валентино. Коментирајќи ги пишувањата дека можеби ќе се пензионира, тој демантираше такво сценарио.

– Моето пензионирање би било голема вест, сигурен сум дека многумина ја кликнале веста за моето повлекување. Многупати порачав дека ќе се тркам наредната сезона и ништо не е променето, но сигурно поинтересно е да се напише дека се повлекувам, – порача Роси.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.