БРИТАНСКАТА АВТОМОБИЛСКА МАНУФАКТУРА „MORGAN MOTOR COMPANY“, ЈА ПРЕТСТАВИ НОВАТА ГЕНЕРАЦИЈА НА СВОЈОТ НАЈУСПЕШЕН МОДЕЛ ВО ИСТОРИЈАТА „PLUS FOUR“ КОЈ ЗАПИШУВА УСПЕШНО ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА НАСЛЕДСТВОТО ДОЛГО 70 ГОДИНИ.
Интересна е приказната за „Morgan Plus 4“, модел кој влезе во производство во далечната 1950 година и оттогаш претставува столб на успехот на фирмата која и по 111 години постоење останува верна на своето наследство, рачна изработка на спортски автомобили. Можеби изгледа чудно во време на врвна технологија и роботи, но факт е дека Morgan рачно произведува спортски автомобили од 1909 година, што значи дека 111 години неговите креации нудат уникатна мешавина од харизма, врвни материјали, изработка и перформанси. Со крајно лимитирана понуда која се сведува на само три модели, Morgan Plus 4, односно Morgan Plus Four како што официјално гласи името на новиот модел, го носи столбот на продажбите и на успехот на марката низ неговите 70 години производство. Покрај малиот тритркалец 3 Wheeler кој е вистински бунтовник против модерното поимање на автомобилите со V2 поставен на отворено пред пред- ната оска, и моќниот Plus Six со 335 КС под хауба кој претставува врв во понудата на Morgan, новата генерација на Plus Four ќе продолжи да го носи товарот на ексклузивната британска марка и за таа цел соодветно е поткован.
НОВА ПЛАТФОРМА ЗА НОВА ГЕНЕРАЦИЈА
Morgan не го менува само името од Plus 4 во Plus Four туку создава сосема нова генерација поставена на сосема нова платформа. Додека Plus 4 беше поставен врз челична шасија која за последната платинеста серија беше лакирана во златна боја и нумерирана, новакот Plus Four е поставен на платформа од алуминиум. Платформата ја носи ознаката CX, римски бројки кои го сочинуваат бројот 110, бидејќи беше претставена на 110. годишнината од постоењето на Morgan како компанија. Составена од лепени алуминиумски профили и панели платформата СХ е многу поцврста од претходната просторна челична рамка и што е поважно полесна е за 97 килограми. Повисоката цврстина и отпорност на усукување значително ги подобруваат возните карактеристики на Morgan Plus Four кој сега лесно вози пред модерните ривали. Згора на тоа, агилноста, одзивот на управувањето и на моторот и балансот го ставаат рамо до рамо со суперспортските модели. При возење Plus Four буквално се чувствува како да возите картинг. Одговорот и на најмало свртување на волан се случува на миг. Како возачот да е едно со автомобилот.
КЛАСИЧНИ ФОРМИ ВО МОДЕРНО ИЗДАНИЕ
Всушност Plus Four ја дели платформата СХ со поголемиот Plus Six, но кај него е за нијанса помала што одговара со димензиите на моделот со четирицилиндричен мотор под хауба. Plus Four e потесен од Plus Six за 78 mm, а во делот на кабината е потесен за 104 mm. Сепак, новата шасија дозволува многу повеќе простор во кабината од претходникот. Полесно се влегува и излегува од спортски скроената кабина што знае да биде проблем, а поголем е и багажникот кој за волја на вистината и не е од голема важност кога станува збор за еден Morgan. Важен е неговиот настап кој иако сличен со претходникот има уникатно скроени предни крила кои флуидно преоѓаат во прагови, и преку кои се препознава дека станува збор за еден Morgan. Задникот е спуштен и украсен со четири одвоени светла, а предницата ја краси исправената заоблена маска со вертикални решетки која преоѓа во тесниот, а долг капак на моторот на кого е поставена хромираната рамка со предното стакло. Одвоените тркалезни светла напред само го надополнуваат класичниот настап на Morgan Plus Four. Класичните тркала со жици од 15 инчи кои го красат Plus Four ја потполнуваат сликата за овој класик меѓу спортистите.
МОЌНА КУЛИСА ЗА ВРТОГЛАВИ ПЕРФОРМАНСИ
Morgan е мала компанија која нема доволно ресурси и капацитет за да создава свои мотори. Во минатото користеа мотори од останатите британски марки како Rover, Тriumph, подоцна и од Ford за во 2000 година да почне соработката со BMW заради проектот Morgan Aero 8 во кого работеше моќен V8 на баварската компанија. Во Morgan Plus Four работи бензинец од два литри со четири цилиндри од каде доаѓа и ознаката во името. Потпомогнати со твинтурбо натполнење тие остваруваат максимална моќност од 255 КС при 5500 min-1 и максимален вртежен момент од 350 Nm кои стојат на располагање меѓу 1000 – 5000 min-1. Овие вредности важат за изведбата со мануелен менувач со шест степени на пренос која со тежина од 1013 kg му дозволува на возачот да се катапултира од место до 100 km/h за 5,2 секунди и да достигне максимални 240 km/h. Истиот мотор за во изведбата со автоматски менувач со осум степени на пренос и четири модуси на работа: comfort, sport, sport plus и manual, има поинакви карактеристики заради природата на автоматикот. Остварува моќност од 255 КС, но при 4000 min-1, и максимален вртежен момент од 400 Nm кои стојат на располагање меѓу 1000 – 4300 min-1. И додека максималната брзина е иста автоматикот заради за нијанса помалата тежина од 1009 kg темпо „100” лови за 4,8 секунди. Перформанси кои и во двете изведби се на ниво со спортските автомобили.
ВИСТИНСКАТА ВРЕДНОСТ НА РАЧНАТА ИЗРАБОТКА
Без оглед што создаде шасија за 21-от век, на која почива модел кој подеднакво гледа кон иднината, Morgan не се откажува од рачната изработка и врвната мајсторија на своите искусни мајстори кои се с`рж на опстанокот на марката. На пример рамката околу која е скроена кабината сè уште рачно се изработува од јасен. Рачно се обликуваат и алуминиумските панели на каросеријата, рачно се составува шасијата и се уредува кабината. Уредувањето на кабината оди на рака со спортската нота на Plus Four. Би рекле спартански скrоена без непотребни елементи кои само би го одвлекувале вниманието на возачот сепак обилува со благородни материјали и врвна обработка. Преслечена е во рачно штавена кожа која во комбинација со дрвениот фурнир и деталите од вистински алуминиум и дава безвременски шарм. Долгиот список на опции дополнително го облагородува престојот во Morgan Plus Four и ги исполнува желбите на клиентите. Секако сето ова има своја цена, а Plus Four не е евтин. Изведбата со рачен менувач во Велика Британија стартува со цена од 62.995 фунти, а автоматикот чини од 64.995 фунти. Она што е карактеристично за Morgan, а го нема никаде на друго место е можноста да се присуствува при правење на автомобилот. Посебно скроените тури им овозможуваат на посетителите да изградат блиска врска со својот миленик уште од самиот старт на производството.