Моден тренд и бренд – ЗА ЉУБИТЕЛИТЕ НА ЗИМСКИТЕ СПОРТОВИ

24/02/2020

КОГА СЕ РАБОТИ ЗА СКИЈАЧКАТА ОПРЕМА, ИМПРОВИЗАЦИЈАТА НЕ Е ДОЗВОЛЕНА ОД ПРИЧИНА ШТО БЕЗБЕДНОСТА Е НАЈВАЖНА. ДУРИ И ДА НАПРАВИТЕ ИСКЛУЧОК, ДОВОЛНА Е САМО ЕДНА ГРЕШКА И УБАВИНАТА, ВКЛУЧУВАЈЌИ ГО И УЖИВАЊЕТО, ЌЕ СЕ ПРЕТВОРИ ВО КОШМАР. ЗАТОА НЕ ШТЕДЕТЕ, ОБРНЕТЕ ВНИМАНИЕ НА КВАЛИТЕТОТ, НО НЕ ЗАНЕМАРУВАЈТЕ ГО ИЗГЛЕДОТ. ОБИДЕТЕ СЕ ДА НАПРАВИТЕ КОМПРОМИС, ЗА ВАШЕТО И ЗА ДОБРОТО НА ЛУЃЕТО ШТО ВЕ ОПКРУЖУВААТ НА ЗИМУВАЊЕ. 

 

Велат дека брендот е гаранција за квалитет. Материјализмот е нешто друго и нема врска со изборот на облеката, опремата за скијање на пример и сл. Тоа што вреди, како дизајн, позитивно својство, има висока цена. Впрочем, зимските работи не се купуваат често. Напротив. Може да траат со години ако ги чувате и внимавате на себе. Инвестирајте во квалитетна облека и скијачка опрема и нема да згрешите. Притоа обидете се да ги почитувате неколкуте правила, кои не се измислени тукутака.

Најпрвин, кога одите на купување, внимавајте да не потклекнете при изборот. Белата, бојата на снегот, ќе ве привлече на прв поглед, без сомневање, но избегнете ја. Едноставно игнорирајте ја. Ова е доста важно за почетниците во зимските спортови. Постои можност некој да не ве забележи на теренот, бидејќи снежната белина ги заслепува очите. Јакната и панталоните, вклучувајќи ги и другите модни додатоци, како на пример капата, очилата, ракавиците итн., може да бидат и еднобојни и двобојни, во комбинација, па дури и шарени, со линии, квадратчиња. Принтовите се, исто така, голем хит.

Освен за скијачката опрема, што подразбира и облека (јакна и панталони), во куферот направете место и за елек (перјан) и за неколку ролки, маици…, во зависност од материјалот на јакната. Технологијата е напредната, ткаенините се висококвалитетни, толку совршено изработени, па и кога е во прашање нивниот состав, што го земаат здивот. Модните креатори се погрижиле и за дизајнот, за комплетен впечаток.

За да бидете сигурни во квалитетот, одлучете се за брендовите што веќе ги знаете и сте ги пробале, независно дали станува збор за скии, стапови, чевли, дури и моторни санки, штици за бординг и сл. За облеката се знае – треба да биде комфорна, удобна, да не ви студи, ниту, пак, да се препотувате. Најновите материјали се направени од рециклирани пластични шишиња, јакните и панталоните на „О’Нил“ ја менуваат бојата кога ќе падне температурата на воздухот под нулата, додека „Билабанг“ вметна грејач за врат што се приспособува. Постојат и текстилни фабрики чие производство на зимска спортска облека ги надмина сите очекувања. Слична е со астронаутската – грее, но не поти. Чевлите, чизмите, што-годе, мора да имаат дебел ѓон. Кожата по второто, третото носење станува пропустлива. Затоа се препорачува синтетика. Истото важи и за ракавиците. Ако брзината ви е битна, земете водоотпорен часовник, кој има стоперка. И очилата се, исто така, неопходни, за заштита.

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.