MITSUBISHI XRT CONCEPT-ШЕСТА ГЕНЕРАЦИЈА „Л 200“/„ТРИТОН“

13/04/2023

За некои пазари возилото е познато како „л 200“, а во поново време тоа исто возило го нарекуваат „тритон“ и е малку понакитен со по некој детаљ, така што неговиот изглед добива на агресивност и робусност. Овој модел од Митсубиши со децении наназад е едно од најпродаваните и затоа конструкторите од компанијата му посветуваат должно внимание. Деновиве Митсубиши претставува концепт, пик ап под името „икс р т“ со средна големина кој за првпат е виден на Салонот за автомобили во Банкок.

Концептот „митсубиши икс р т“ всушност е најава за новата генерација на моделот „тритон“ / „л 200“ кој треба да биде пуштен во продажба годинава на крајот од летото. Барем такви гласини се шират засега за продажбата. Концептот е скроен според сите правила и прописи на Митсубиши, а за оваа марка колку и како се снаоѓа надвор од асфалтот доволно говорат 12 титули во релито Дакар и четирите во Светскиот шампионат во рели 1996, 1997, 1998, 1999 година сите освоени со Томи Макинен и совозачите, најнапред две со Сепо Харјане (1996 и 1997), а другите две со Ристо Манисенмаки (1998 и 1999).

Кога зборуваме за теренските возила на Митсубиши и натпреварите тогаш задолжително оваа марка ја врзуваме со работилницата Релиарт која дополнително ги подготвува возилата.  „Митсубиши икс р т концепт“ го носи името на компанијата Релиарт во долниот дел од крилата, но  и заштитниот знак составен од 10 коси линии. Според изгледот на концептот, можно е Релиарт да има вмешано прсти – како што одминува времето искуствата стекнати во рели натпреварите сигурно сѐ повеќе и повеќе се вградуваат во сериските модели. Бидете сигурни дека дел од тие искуства ќе се најдат и во новата генерација, шеста по ред. Претходната генерација беше претставена во 2014, пред точно девет години. Според дизајнот може да се насети дека концептот „митсубиши икс р т“ е веќе готов производ, односно сериско возило во „концепт“ костим. Сега Митсубиши го произведува новиот „л 200“ / „тритон“ за да има бројка со која ќе го покрие азискиот пазар, а во дизајнот воопшто не чепка.

Производството „ќе“ се одвива во Тајланд во фабриката Лемчабанг и на почетокот продажбата ќе се одвива на азискиот континент и потконтинент, а потоа и на останатите пазари во светот. Инаку да нагласиме, моделот „л 200“ / „тритон“ се продава во 150 земји, а негови директни конкуренти се: „тојота хајлакс“, „форд ренџер“, „нисан навара“ и останатите од класата.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.