Има неколку важни мигови во автомобилската индустрија кога сме кај теренските возила. Некои марки се на врвот во таа посебна класа, а останатите се случајни минувачи, или во најдобар случај позајмуваат технологии и цели модели од врвните мајстори на својот занает и прават слични модели. Еден од тие врвни мајстори на својот занает е и Митсубиши, кралот на релито Дакар. Останатите земаат „кројка“ од него, поточно Митсубиши им позајмува многу нешта, а овие само склопуваат.
Ова го кажуваме затоа што и моделот „аутлендер“ е позајмуван на неколку други производители, а деновиве токму за тој модел Митсубиши најави нова генерација која ќе се појави на пролет наредната година. „Аутлендерот“ не спаѓа во суровите теренски возила, но сепак со него можете да го напуштите асфалтот, се разбира сето тоа да биде во рамките на дозволеното, а примерокот пожелно е да биде со погон на сите тркала.
Новиот модел се темели на концептот „енгелберг турер“ кој првично беше прикажан во март 2019 година на Салонот за автомобили во Женева. За новиот „аутлендер“ велат ќе биде најтивкиот и најдобро опремениот сув во негова класа. Дизајнот посветил внимание на агресивноста која ја симболизира истрајноста на Митсубиши и потсетува на богатата и плодна историја на теренски возила со „трите дијаманти“.
Покрај богатата опрема и супериорно тивкиот мехачнички склоп (моторот), Митсубиши нуди врвна удобност во петте или седумте седишта. Моделот ќе ја користи платформата од „нисан икс треил“, така што двете врвни технологии на надалеку познатите производители на теренски возила, ќе бидат од голем благодет при создавањето нови модели. Во 2016 година двете компании се здружија и сега се надополнуваат една со друга во конструирањето возила. Една од тие комбинирани новини е доусовршениот погон на сите тркала, или „авд“ (ол вил драјв) како што го нарекува Митсубиши.
Жарко Атанасоски