MITSUBISHI-И Митсубиши заминува од континентов

19/08/2020

Пред неколку години јапонскиот производител Даихатсу се повлече од европскиот пазар. Како причина за повлекувањето беше наведено следново: непостојаниот, непредвидливиот и секогаш пребирливиот пазар. Даихатсу кој е познат по квалитетот и по градските возила, не опстои на континентов и покрај тоа што токму тука многу се почитуваат малите автомобили.

Деновиве и од Митсубиши стигнува вест за иселување од европскиот пазар. Откако беа сумирани резултатите од првите шест месеци во годината, профитот воопшто го немаше, односно беше забележан пад од 1,5 милијарди долари. Набрзо по објавувањето на резултатите, одговорните брзо најавија селење од европскиот и поголема концентрација на азискиот пазар. Споредбено, европскиот со азискиот не може. Автомобилскиот пазар од Далечниот и Средниот Исток брои над три милијарди жители со потенцијал за развој многу пати поголем од тукашниов. Согледувајќи ја новонастанатата ситуација со тоа што Митсубиши е дел од алијансата „Рено Нисан Митсубиши“, можен е некој договор меѓу трите производители. Сè е во игра кога се во прашање поделба на интересите и сферите на делување. Засега како главна причина се наведуваат слабите финансиски резултати и толку.

На тукашниов пазар нема повеќе да се произведуваат автомобили со марката Митсубиши, ниту ќе се врши увоз од Јапонија. Носителот на трите дијаманти ќе биде присутен на континентов сè додека не ги продаде возилата што се на залиха и додека смеат тие возила да се продаваат. Доколку стапат на сила построги закони за издувните гасови, во тој случај возилата ќе бидат продадени во државите надвор од ЕУ.

Штета, една марка како Митсубиши, еден од кралевите на Светскиот Шампионат во Рели и Релито Дакар да не биде присутен на европскиот пазар. Неговите теренски возила се едни од најбараните во светот. Чудно е ова повлекување, дури и малку повеќе од чудно.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.