Еве уште една работилница за производство на егзотични автомобили, овој пат од Италија, лулката на купе автомобилите, посебно двоседите. Името на новиот производител е Мињата, по името на основачот Хозе Мињата, кој воедно е главен и одговорен во работилницата.
Осми мај беше датумот кога производителот Мињата го претстави своето прво возило именувано како „рина“ и замислете, мало, ниско со две седишта. Ова ни е нешто познато од порано, веќе видено.
Барчета или роудстер и едниот и другиот прекар убаво и прилега на „мињата рина“ – како и да ја именувате, нема да погрешите. Дизајнот на овој автомобил потсетува на двоседите од минатиот век, од златното време на отворените купе двоседи. Значи ретро дизајн со минимални современи линии и зголемена употреба на најсовремена технологија при изработката и нејзино присуство во автомобилот. Идејата не е лоша, само уште истата да заживее (да тргнее продажбата) и сѐ ќе биде во најдобар ред.
Како што се изјаснија од компанијата, монокок шасијата изработна од јаглеродни влакна тежи околу 70 кг. а торзионата цврстина на двоседот е за дури три пати поголема од таа на „ламборџини авентадор“. Овој податок е запрепастувачки, знаејќи ја големината на марката Ламборџини. Првичните податоци велат дека погонската единица е класика, бензинска, атмосферска, со осум цилиндри поставени во V со зафатнина од 5,0 л и 450 КС и што е најважно менувачот е класика, обичен со шест преноси. Моторот „мириса“ на „форд којоте 5,0“, но нема да биде наивно ако биде вграден некој турбо мотор со зафатнина од 2,0 л (или сличен) – мотор кој сигурно е полесен од тој V8 5,0 л. Ако се има во предвид дека полесното е подобро за автомобилот, тогаш треба да навиваме за помалиот по зафатнина мотор.
Двоседот „мињата рина“ има 4,41 м во должина и тежи околу 1.000 кг, што е задоволувачки за класата на која и припаѓа. Годишно ќе бидат произведувани по 30 примероци со цел да се зачува ексклузивитетот на марката и на двоседот. Првиот примерок забрзано го подготвуваат и истиот ќе послужи за испитувања и краш тестови. Подетални информации ќе бидат соопштени пред почетокот на продажбата, која најверојатно ќе се случи догодина.