Малите компактни автомобили никогаш нема да излезат од мода затоа што се вистинска класика. Сепак, некои производители не ги сфаќаат сериозно најмалите во семејството и одат кон тоа сосема да ги укинат. Работава е равенка со една непозната која никогаш нема да биде решена. Микролино електрик тоа е возилото кое би требало да влезе во сите градови, но пред тоа да се случи, да напишеме нешто за него. Микро Мобилити е релативно нова компанија, но на никогаш нерешениот проблем наречен ефикасно градско возило, му посветила сериозно многу внимание и еве го резултатот „микролино“. Малото возило во облик на меур од сапуница како да е некое продолжение на некогашното мало возило од БМВ наречено „изета“.
Ништо чудно и ништо лошо ако конструкторите црпеле инспирација од возилото во сопственост на БМВ. Производителот одлучил возилото да биде задвижувано од електромотор, да биде компанијата во чекор со современите збиднувања во светот. „Микролино“ поседува максимален вртежен момент од солидни 89 Нм. Со таа силина „микролино“ постигнува крајна брзина од 90 км/ч и забрзување од 0 до 50 км/чза одлични 5,0 сек. Со едно полнење на батеријата возилото изминува драматичноголеми 230 км, што е повеќе од доволно за едно типично градско превозно средство. Да напомнеме, производителот нуди три батерии, така што изминатите километри се во тесна врска со капацитетот на батеријата.
Зошто велиме „средство“? Толку е мало, што во него има место само за два лица, значи двосед, а во одделот за товар собира три помали патни торби чија зафатнина не ја поминува бројката од 230 литри. Долго е само 2,52 метри, широко 1,47 м и високо 1,5 м. , а велат истовремено е и автомобил и скутер и тежи скоро 500 кг, поточно 496 кг од кои најмногу отпаѓаат на батеријата.
Ова мало електро возило е обликувано од швајцарската куќа Икона Дизајн Груп, а се произведува во фабрика лоцирана во Торино.