MG Motor MG4 Comfort-НОВИОТ БРАН

07/07/2023

БРИТАНСКИОТ MG MOTOR Е МАРКА СО СЛАВНО МИНАТО И ОГРОМНО ИСТОРИСКО НАСЛЕДСТВО ШТО НАРЕДНАТА ГОДИНА ЌЕ ОБЕЛЕЖИ 100 ГОДИНИ ОД СВОЕТО ПОСТОЕЊЕ. ВО СВОЈАТА ПОНОВА ИСТОРИЈА ЕГЗИСТИРА ПОД КАПАТА НА SAIC (SHANGHAI AUTOMOTIVE INDUSTRY CORPORATION) ПО ШТО ЗАПОЧНУВА ДА БЕЛЕЖИ НЕВЕРОЈАТНО ДОБРИ РЕЗУЛТАТИ НА ЕВРОПСКИТЕ ПАЗАРИ. КОМПАНИЈАТА ВЕЌЕ ЛАНСИРАШЕ МОДЕЛИ СО КОНВЕНЦИОНАЛНИ АГРЕГАТИ, PLUG-IN ХИБРИДНИ ИЗВЕДБИ И АВТОМОБИЛИ ВО ЕЛЕКТРИЧНА ФОРМА, А СЕГА НА СЦЕНА СТАПУВА МОДЕЛОТ MG4, КОЈ ТРЕБА ДА ПРЕТСТАВУВА ВИСТИНСКИ ПРЕДВОДНИК НА ЕЛЕКТРИФИЦИРАНАТА ИДНИНА НА КОМПАНИЈАТА

 

Моделот MG4 е автомобил што цели да ја прикаже перцепцијата и начинот по кој марката MG планира да се движи во иднина. Создаден да конкурира на моделите кои првенствено доаѓаат од европскиот континент, настапува со целиот свој потенцијал спакуван во исклучително компетентен пакет што успева да испорача вистинска вредност за вложеното.

 

ДИНАМИЧНА ПРИВЛЕЧНОСТ

Новиот MG4 е хечбек со пет врати кој директно се натпреварува со Volkswagen ID.3, Nissan Leaf & Co. во однос на големината, капацитетот на батериите и моќноста на ел.мотор, но за разлика од своите ривали настапува со многу поголема конкурента ценовна понуда. На самиот почеток, тука е изгледот на MG4 и не, не зборуваме само за одличната боја на нашиот тест автомобил. Додека некои производители им даваат на сите свои автомобили исто корпоративно лице, тоа не е нешто по што е познат MG и секако не се обидува да го канализира славното минато на компанијата со ретро изглед. Како резултат на дизајнерската слобода, MG4 е обликуван по сопствен терк, со мазен, зашилен преден дел кој делува како да припаѓа на спортски автомобил. Чистите линии се пренесени на профилот со што се нагласени неговите контури, а никако не смее да се изостави ни задниот дел на кој главниот збор го имаат светлосните склопови што покрај примарната функција ја играат улогата на интегриран спојлер.

Многумина ќе забележат дека нема брисач на задното ветробранско стакло, но одговорните лица тврдат дека задниот спојлер на автомобилот е дизајниран да го канализира протокот на воздух преку стаклото. Иако и ние би сакале да има брисач, тоа што го увидовме за време на тестот покажува дека стаклото останува чистo дури и при лоши временски услови. Дизајнот на надворешноста е воден од динамичноста, затоа велиме дека и додека е паркиран MG4 изгледа атрактивно како вистински атлета.

ФУНКЦИОНАЛЕН МИНИМАЛИЗАМ

Моделот MG4 е базиран на платформа специфично развиена за електрични возила. Бидејќи пакетот батерии е поставен под кабината, најниската положба за седење е малку повисока отколку што е вообичаено, но на тоа треба да се гледа позитивно, бидејќи положбата влијае на подобрата прегледност на патот. Затоа има можност за многу дополнителни прилагодувања на возачкото седиште и управувачот што, пак, прави видливоста во сите правци да е особено добра. Вреди да се спомене самиот управувач. Тој не е со класичен облик, туку повеќе наликува на квадрат. Зад управувачот е поставен 7 инчен квадратен екран што го прикажува отчитувањето на брзината и многу други информации поврзани за возењето. Графиката е едноставна, разбирлива и со прилично остар приказ. Дигиталното искуство е надополнето со широкиот екран на допир од 10,25 инчи во средината на контролната табла, кој има модерна графика и брз одговор. Пристапот до задните седишта е преку широките отвори на вратите, три возрасни лица би можеле да се сместат во задниот дел на пократки дистанци, иако би било поудобно за само двајца. Сепак, има многу простор за нозете и главата, а подот е речиси целосно рамен. MG наведува волумен од 363 литри на багажникот во стандардна конфигурација, со соборување на задните деливи седишта се создава простор што испорачува 1.177 литри. Сè на сè, практично, модерно изведено и пред сè комфорно опкружување на кое ретко кој може да му замери.

ЕНЕРГИЧНО СЦЕНАРИО

Моделот MG4 кој го имавме на тест беше со спецификација Comfort, што значи дека поседува поголема 64 kWh батерија, како и помоќен електричен мотор кој располага со 204 КС. Оваа верзија има домет од 450 километри според WLTP мерењата. Стартувањето на MG4 е слично на другите електрични возила, клучот e во вашиот џеб, со самото влегување автомобилот го препознава клучот, вие треба да го притиснете педалот за сопирање и изберете D или R користејќи го ротирачкиот контролер и да започнете со управувањето.

ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВОЗИЛОТО

МОТОР: ЕЛЕКТРИЧЕН
ЗАФАТНИНА: /
МОЌНОСТ: Максимална моќ: 150kW/204С
МЕНУВАЧ: ДИРЕКТЕН МЕНУВАЧ
ПОГОН: НА ЗАДНИТЕ ТРКАЛА
ОБЕСУВАЊЕ НА
ТРКАЛА:
НАПРЕД: MCPHERSON
НАЗАД: MULTILINK
СОПИРАЧКИ: НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ
НАЗАД: БАРАБАНИ
ГУМИ: НАПРЕД 215/50 R17,
ПОЗАДИ 215/50 R17
МАСА НА
ВОЗИЛОТО:
1.685 КГ.
ДИМЕНЗИИ:
Д/Ш/В
4.287/1.836/1.504ММ
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД
0 ДО 100 КМ/Ч:
7.9 СЕКУНДИ
ПРОСЕЧНА
ПОТРОШУВАЧКА:
16KWH/100 КМ
МАКСИМАЛНА
БРЗИНА:
160КМ/Ч
ЦЕНА НА
ТЕСТИРАНИОТ
МОДЕЛ
37.990 ЕВР

На кој начин ќе возите зависи од тоа кој режим е избран. Стандардно, се стартува во Normal, додека другите поставки се Snow, Eco и Sport. Има и Individual опција во која возачот може да избере свои преференци за тежината на управувачот, нивото на регенерација на енергијата на сопирачките и одговорот на педалот за забрзување. Освен тоа, можно е да изберете од три различни поставки за регенерација на енергијата при сопирање. Бројките велат дека максималната брзина е електронски ограничена на 160 км/ч, а дека до 100 км/ч се потребни 7,9 секунди. Ние велиме, игнорирајте ги бројките, бидејќи MG4 делува далеку побрз во сите реални сценарија. Најголемото изненадување доаѓа од начинот на кој MG4 вози. Одличната рамнотежа, ниското тежиште, како и идеалната распределба на тежината резултираа со добро управување што прави автомобилот да се чувствува поспортски од очекуваното. Што е уште поинтересно за сите љубители на автомобили, силата се испорачува на задните тркала. Следствено на тоа, дозволува далеку позабавно управување и лесно (ел.контролирано) пролизгување на задниот дел. Уште поимпресивна е ниската бучавост дури и по стандарди за електричен автомобил, што ги прави патувањата на долги растојанија максимално релаксирачки. Кога станува збор за опсегот на движење слободно може да потврдиме дека 400 километри се секојдневна реалност во градски услови. Доколку се вози повнимателно, веруваме дека декларираните 450 километри дури може и да се надминат. Нашето искуство покажа дека со полна батерија во комбинирани услови на возење (град/регионален пат/автопат) со искористени 93% успеавме да поминеме речиси 380 километри. Батеријата може да се полни до 135 kW на брз полнач што овозможува од 10% до 80% да стигне за 35 минути. На стандарден/домашен полнач од 11 kW потребно се 6.45 часа за потполно празнатата батерија да стигне до 100%. Моделот MG4 е еден од најизненадувачките автомобили што сме ги испробале во последно време, исполнет со енергија која треба да ја смени перцепцијата и да го покаже вистинскиот потнцијал на марката што допрва ќе блесне во полн сјај.

 

Данчо Здравковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.