МERCEDES–MAYBACH PROJECT-MAYBACH ИСКЛУЧИВО ЗА ПРЕБИРЛИВИТЕ

18/12/2021

Како што тргнале работите овој декември ќе биде прогласен за месец на чуда на четири тркала. Некогаш марка во сопственост на Мерцедес – Бенц, а денес луксузна изведба во истоимената компанија, деновиве претстави несекојдневно концепт возило. И сега да прецизираме, името на возилото е „мерцедес – мајбах проект мајбах“, а каросериски е двосед долг шест метри, со оштра линија која е крајно едноставна без никакви модни трикови. Концептот „проект мајбах“ не е обичен двосед, туку двосед наменет за возење надвор од асфалтот. Тоа во превод значи возилото е способно да совладува секакви терени и е посебно подготвено за такви патувања. Подвозјето е зајакнато и заштитено исто како кај закоравените теренски возила, има големи пневматици за да може да ги премости полесно длабнатините, во спротивно со мали пневматици големи се шансите некое тркало да пропадне и заглави. Внатре удобноста е на завидно ниво како што и прилега на марката, а таблата со инструменти е чиста класика, иста како во теренските возила. И како изненадување, концептот е опремен со многу места за носење алат и разни други нешта потребни за опстанок во дивина.

За нештата да бидат современи, конструкторите се погрижиле концептот да биде електричен, а поголемиот дел од горната површина е прекриена со сончеви панели. Несекојдневново возило сигурно има своја клиентела која допрва треба да се изјасни дали некој посакува да купи ваков Мајбах. Зошто да не!? Купе со шест метри должина и скоро два метри ширина наменето за совладување секакви предели, од пустински до мочурливи. Ако се пријават заинтересирани за купување на концептот, не се исклучува можноста „мерцедес – мајбах проект мајбах“ да влезе во производство. Единствено му се замерува на производителот што не ги наведува техничките податоци во врска со шасијата и останатата механика.


Концептот „мерцедес – мајбах проект мајбах“ е посветен на неодамна починатиот дизајнер Вирџил Абло кој работел токму на обликот на спомнатиот концепт. Тоа е неговата визија на четири тркала за тие што раскошот и луксузот им се секојдневие. Овој дизајнер работел и за модната куќа Луј Витон, имал основано модна куќа во 2013 год. со седиште во Милано наречена Оф Вајт и соработувал со музичарот (рапер) Кени Вест.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.