Откако беше обновена најпознатата лимузина на мерцедес, таа со ознака „е класа“, веднаш потоа на ред за редизајн беа купето и кабриолетот. Овој модел од Мерцедес не само што е најбараниот, туку воедно располага и со повеќе изведби, лимузина караван, купе и кабриолет.
Најзабележителни детали на обновеното купе и кабриолет е нивниот преден дел каде е назначена агресивноста, но и елеганцијата без која не се може. Задната светлосна групација заедно со севкупниот заден дизајн оддава впечаток на нешто порафинирано, подотерано, а во одделот за патници прво што паѓа во очи е новиот управувач.
Групата од погонските единици е составена од неколку бензински и дизел со 48 волтната хибридна технологија застапена само во некои изведби. Интересно е што сите изведби се снабдени со девет степен автоматски менувач. Силината со кои располагаат моторите се движи во распон од 197 коњски сили извадени од бензински мотор со четири цилиндри и турбо компресор, до максимални 435 во изведбата со ознака „амг“ која во себе има шестцилиндричен мотор со зафатнина од 3,0 литри.
Како и секогаш опремата кај оваа марка возила била и ќе биде богата. Има од сè по нешто и за сечиј вкус, а кој го интересира нека го земе списокот во раце и слободно нека избере што му одговара. За безбедноста и безбедносните системи кои се на највисоко ниво не треба ни да спомнуваме, а за тие најпребирливите има неколку нови бои: цирус сребрена, тоа цирус се мисли на облаците од видот цирус и нивната сребрено белузлава боја, потоа графитно сивата, пустинската сребрена наречена Мохаве по истоимената пустина и патагонска црвена, по областа Патагонија во Аргентина.
Жарко Атанасоски