Овде на гости ни дојде една класична лимузина, средна класа, отсек премиум. Ништо посебно, лимузина како и секоја друга… Арно ама некој лимузинава ја потпишал со три букви „амг“. Тие три букви некогаш самостојно оперираа со автомобилите од марката „Мерцедес – Бенц“, исклучиво за трки.
Туристичките автомобили работилницата со трите букви ги претвораше во тркачки и некаде во 1999 година Дајмлер АГ го купува управувачкиот дел од компанијата „АМГ“, а во 2005 го купува преостанатиот и денес таа работолница е во склопот на гигантот. Нејзината улога си е иста, со тоа што од речиси секој модел е направена спортска изведба за туристички потреби, секојдневни.
Најновава лимузина од класата „е“, позната на сите, не мора посебно да ја опишуваме, по влегувањето во фризерницата „АМГ“ излегла како да направиле „пустош“ во неа. Во V мотор со осум цилиндри чија работна зафатнина изнесува 4,0 литри, вградиле двоен турбо компресор и доработиле уште неколку елементи. Резултатот од сето тоа се масивната бројка 612 која ги означува коњските сили. Ни помалку ни повеќе, туку 612 на број. Ова нешто како супер спортските купе автомобили кои во себе кријат толку коњски сили, но повеќето од нив се со силина далеку под 600, на пример „масерати гт“ со ист по цилиндри и по зафатнина мотор, има 400 КС.
Класична лимузина, кошула, костим, вратоврска задолжително, капут и на нозете патики, но не од било кои туку тие спринтерските за најбрзата дисциплина во атлетиката, „стотката“. На сето ова додадена е и наставката „4 матик“, тоа во превод значи погон на сите тркала. Конструкторите не запреле тука. На „е 63 амг 4 матик“ му додале едно „с“, а тоа да ти значело нешто како посебно (спешл) или „супер“ (суперспорт) и ете од каде се тие 612 КС. Со нив автомобилот забрзува од 0 до 100 км/ч за 3,4 секунди. Таа „пообичната“ изведба без тоа „с“ има 571 КС, но погонот на сите тркала е тука. И сега некој ќе праша автомобилот што има од опрема. Најдобро прашајте што нема, а не што има, бидејќи списокот е навистина долг.