Одделот за „разубавување“ на Мерцедес работи со полна пареа. Претходно од таму излегоа двете изведби на „а класата“, а сега и „цла“ и „цла шутинг брејк“. Измените не се забележуваат многу, но доволни се за редизајнот да биде успешен и со тоа да се продолжи векот на постоечкиот модел. За острото око на љубителите на автомобили, измените се воочливи на предната и задната страна. Лед светлата се сериски, одбојниците добиле нов облик, но и светлата, а во внатрешноста двата лед екрани се со поголеми димензии, 7,0 и 10 инчи.
Сега е времето на електромобилите и чистата околина, а товарот како најголеми загадувачи мораше да го понесат дизел моторите. Дали е тоа така, нема да навлегуваме во докажување, но редизајнираните „цла“ и „цла шутинг брејк“ имаат на располагање дури три турбо дизел мотори со силина од: 116 КС, 150 и 190 КС. По нив следи хибридот со 218 КС и батерија со капацитет од 15,6 kWh доволни возилото да измине 82 км. Бензинските мотори се застапени со два примероци, со силина од 136 и 224 КС.
Подмоделот „цла“ си има и „амг“ изведба, така што и тука имаме подмладување и сето тоа во служба на спортската агресивност – пошироки алуминиумски тркала, понагласени спортски одбојници, по некој спојлер и секако поинаку „навиткано“ подвозје. И поспортски нагласени седишта и други кожени и карбонски детали во одделот за патниците. Сето ова заедно е зачинето со погон на сите тркала (4 матик). „АМГ цла 35 4 матик“ располага со 306 КС, а „амг цла 45 4 матик +“ со 412 КС. Првата изведба забрзува од 0 до 100 км/ч за 4,9, а втората за 4,1 сек. Продажбата ќе започне во втората половина од годинава, а цената ќе биде објавена пред обновениот „цла“ да влезе во продажните места.
Жарко Атанасоски