СИ ЈА ЗНААТ РАБОТАТА, ГО ИСПЕКЛЕ ЗАНАЕТОТ ДО НАЈМАЛА СИТНИЦА И СЕГА СÈ ШТО ТРГНУВААТ ДА НАПРАВАТ ПРЕТСTАВУВА САМО РУТИНА И УСОВРШУВАЊЕ, НЕМА ДОПРВА УЧЕЊЕ, ТУКУ ЕДНОСТАВНО ВО МЕРЦЕДЕС ОТСЕКОГАШ ВЛАДЕЕЛЕ „МАЈСТОРЛАКОТ“ И ТРАДИЦИЈАТА.
Минаа пет години откако мерцедесовиот спортски оддел „АМГ“ го претстави тогаш новото купе „амг гт“. Тоа беше вистинско освежување во класата на спортските купе автомобили. Збогатување на понудата секогаш е добредојдена за купувачите, но не и за останатите производители во класата затоа што добиле сериозен конкурент. А тоа дека Мерцедес е сериозен, тоа се нагласува при секое претставување на нов модел. По пет години стаса и редизајнот, купето да биде поубаво, да се отстранат негативностите ако воопшто ги имало и секако да се продолжи продажниот век на моделот.
„Мерцедес бенц амг гт“ е класика од спортски купе автомобил, дури може да се каже дека ја има онаа исконска купе линија, долг и широк преден дел и оддел за возачот и совозачот со простор, и удобност наменет пред сè за спортско возење, но и за секојдневна употреба. Ова второво значи да може секој возач првенствено да ужива и во удобноста на спортските автомобили. Некогаш овие „улични тркачи“ беа спартански опремни со тврди седишта наменети исклучиво да го држат телото во речиси тркачка позиција итн. Сè беше посветено на брзината, на стабилноста, на мала тежина, без клима уреди, без електрични прозори, без аудио уреди и што уште не. Ова од една страна држи вода, но од друга воопшто нe. Ако тоа е спортски автомобил, тогаш оставете го да биде таков, спортски.
Малку е чудно спортски автомобил да носи „патики за секојдневна употреба“. Тоа нитu било, нитu ќе биде, но денешните купувачи не се наклонети кон овој вид филозофија и си тераат по свое. Едноставно сакаат да дадат пари за автомобил кој покрај суровите спортски одлики ќе има и удобни седиште, клима уред, внатрешност пресвлечена со кожени и други благородни материјали и детали изработени од дрво, но и од платна кои содржат процент на кашмир, свила, коноп – природни материјали.
Правецот во кој се движи автомобилската индустрија, всушност е правец кој го диктира купувачот. Некогаш спортските купе автомобили беа речиси како тркачките, а денес се видно изменети во насока на поголема удобност за сопствениците. Не многу одамна спортските купе автомобили беа резервирани само за добрите познавачи на возењето, затоа што таа дивина од коњски сили мораше да се контролира со многу добро познавање на возачката вештина. Денес нивните наследници имаат еден куп електроника која го потпомага возењето во целост така што и обичен возач кому автомобилот му служи да отиде од една до друга точка, може да вози купе со 400, 500 и повеќе коњски сили. И најзакоравените спортски автомобили кои до вчера беа неудобни за долги патувања, денес се претворени во некое удобно и пријатно катче со сите луксузи во него, а некои од нив самите се паркираат. И „мерцедес амг гт ц“ е таков автомобил, купе, двосед, со сите удобности за возачот и совозачот.
Неговиот рачно направен мотор со 4,0 литри зафатнина поделена во осум цилиндри кои, пак, се поставени во V. Како „капак“ доаѓа и двојниот турбо полнач со кој моторот развива 550 КС, доволни да го понесат автомобилот од 0 до 100 км/ч за само 3,6 секунди. Електрониката овозможува и друго задоволство. Имате можност да изберете како да одговори автомобилот на притискањето на педалата за забрзување. Почнува со „слипери”, а потоа продолжува со „конфорт”, „спорт”, „спорт+”, „рејс” и „индивидуал”. Набројаниве имињата самите кажуваат во каков режим ќе работи моторот и целиот склоп при возењето, така што дополнителни објаснување не се потребни.
Другите електронски системи како тие што помагаат при искачување по рид или возење во надолнини, самопаркирање, држење растојание со возилата пред вас, уште што не спомнавме. Сето тоа е добро и речиси сè оди во служба на поголема безбедност при возењето, исто како вртењето на задните тркала, мало задоволство за подобро и побрзо влегување во и излегување од свиоците.
Воопшто нема да биде лошо ако се одлучите да станете сопственик на „мерцедес амг гт ц“ но пред да седнете во него, земете некој час обука со пробен возач за да ви дообјасни како треба да возите автомобил со 550 КС. Тоа нема да бидат џабе фрлени пари, туку паметно употребени, како што спомнавме претходно, сè во служба на безбедно возење. •