НАЦИОНАЛНИОТ ИЗБОР ЗА НАЈПОСАКУВАН АВТОМОБИЛ ВО МАКЕДОНИЈА, ЗЛАТНО ТРКАЛО, ВЕЌЕ ПРЕРАСНУВА ВО СЕРИОЗНА МАНИФЕСТАЦИЈА И ТРАДИЦИЈА ВО АВТОМОБИЛСКИОТ СЕКТОР ВО НАШАТА ЗЕМЈА. ТРЕТОТО ИЗДАНИЕ НА ЗЛАТНО ТРКАЛО ОФИЦИЈАЛНО ЗАВРШИ НА 26 АПРИЛ СО СВЕЧЕНОТО ДОДЕЛУВАЊЕ НА НАГРАДИТЕ ЗА ГОДИНЕШНИТЕ ПОБЕДНИЦИ
Изборот и гласањето за третото издание на Златно Тркало заврши со прогласување на победниците и доделувањето на статуетките од страна на организаторите, редакциите на Авто Плус, Carclub, Cars by Vik и RPM. Наградите ги подигнаа претставниците на официјалните импортери и застапници на брендовите кои победија на третото по ред издание на Националниот Избор за Најпосакуван Автомобил во Македонија.
Годинава се избираа најпосакуваните автомобили во пет категории, а како новитет беше категоријата за Најпосакуван Премиум Автомобил каде триумфираше Porsche Taycan Cross Turismo. Апсолутен победник е Volkswagen ID.4, електричниот кросовер кој славеше во категоријата за Најпосакуван Електрифициран Автомобил и ја освои Главната награда за Најпосакуван Автомобил во Македонија. Во категоријата Најпосакуван Градски Автомобил триумфираше Peugeot 308, а за Најпосакуван Семеен Автомобил е избрана новата генерација на Kia Sportage. На крајот беа собрани 12.216 уникатни гласања, распределени меѓу 14 различни учесници, а она што може да претставува задоволство е што интересот за нови и целосно електрични автомобили во нашата земја расте, заедно со трендот кој преовладува и во европските земји.
Националниот Избор за Најпосакуван Автомобил во Македонија и наградата Златно Тркало е нов и уникатен начин да се „почувствува“ пулсот и да се добие мислењето на луѓето и потенцијалните купувачи во нашата земја. Оваа манифестација е основана од страна на најуспешните онлајн медиуми во државата и претставува пристап за откривање на најпосакуваните возила во земјата. Основачот и главен уредник на Авто Плус – Г-дин Виктор Кошевалиски во својот говор го објави проширувањето со 4 нови медиуми: Убавина и Здравје.мк, МКД.мк, Бизнис Инфо.мк и Машки Магазин.мк со што од наредната година се проширува влијанието на Изборот на уште поголема публика, очекуваме и нови и интересни категории. Воедно, беше најавено продолжувањето на Изборот за Автомобил на Годината во Македонија®, кој Авто Плус® го има основано во 1995 година, а настанот беше паузиран поради Корона кризата. Овој избор е според стручно жири кое од оваа година добива нов состав. Наредната година, победниците и од стручното жири и од публиката, ќе бидат наградени во заеднички настан.