Медицина-ОРАЛНАТА ХИГИЕНА, ГОЛЕМ ПРИЈАТЕЛ НА ЗАБИТЕ

29/04/2020

ЗДРАВИТЕ НЕПЦА СЕ ВАЖЕН ФАКТОР ШТО ВЛИЈАЕ КАКО ВРЗ ОРАЛНОТО, ТАКА И ВРЗ ЦЕЛОКУПНОТО ЗДРАВЈЕ НА ЧОВЕКОТ. ЗАТОА ГРИЖАТА И НЕГАТА НА ГИНГИВИТЕ СЕ НЕИЗОСТАВЕН ДЕЛ И СЕКОЈДНЕВНО ИМ ПОСВЕТУВАМЕ ВНИМАНИЕ. ВСУШНОСТ, ЗДРАВИТЕ НЕПЦА СЕ УСЛОВ ЗА ЗДРАВИ ЗАБИ.

 

Непцата или гингивите се дел од потпорната структура што ги држи забите на своето место. Нивното значење е пресудно бидејќи кога се здрави, имаат цврстина и не крвават, односно цврсто се припиени за забите, со што ги заштитуваат. Оттаму и важноста на здравите непца за здрави заби. Многу луѓе се соочуваат со болести на гингивите, на пример, гингивитис, односно воспаление. Причинител на ова заболување е бактерискиот плак. Се формира на рабовите на непцата, по нивната должина и меѓу забите. Крвавењето, односно воспалението значи дека гингивите се борат против денталниот плак. За среќа, гингивитисот се повлекува со нега што мора да биде соодветна и со контрола на забниот плак. Навременото лекување може да ги спречи натамошните оштетувања што полека ја намалуваат способноста на непцата да ја заштитуваат потпорната структура на забите.

Најдобро е сами да се грижите за денталниот плак и да не дозволувате да се собира. Се препорачува редовно да одите кај стоматолог и тој да ве информира како да го спречите формирањето на денталниот плак и на забниот камен. Доколку веќе настанале, стоматологот ќе се погрижи за професионалното чистење. Во исто време ќе ве советува и како да ја одржувате хигиената на забите. Сигурно знаете дека забите се мијат барем двапати во текот на денот, по две минути, со забна паста што спречува формирање на дентален плак, а треба се користи и соодветна четка, дизајнирана за ефикасно отстранување на наслојките од бактерии. Хигиената е услов за добро здравје, вклучително и на устата. Секојдневното миење на забите не смее да се избегнува од која било причина. Мора да се употребува конец и повремено да се чисти забниот камен. Редовната посета на стоматолошка ординација е задолжителна заради превенција. Еден расипан заб може да ја влоши состојбата на друг, на трет… а тоа може да предизвика нивно делумно или целосно губење.

Доколку не се третира акутниот гингивитис, тој преминува во хроничен облик за кој е потребно макотрпно третирање што некогаш не ги дава посакуваните резултати. Една од низата компликации е настанувањето на пародонтален џеб што, освен непријатниот мирис и чувство, може да резултира со силна болка. Стоматологот може да го излекува гингивитисот, непцата да оздрават, но со напомена дека при некаква промена на здравјето на пациентот, може да се повтори. Пародонтозата, пак, не може да се излекува целосно, но со примена на соодветни третмани може да се подобри состојбата и да се зачуваат преостанатите заби. По лекувањето задолжителна е редовна контрола.

КАД-КАМ – ТРЕНД ВО ЗАБНАТА ПРОТЕТИКА

Порано стоматологијата се занимаваше со лекување на болестите на усната празнина, забите… Приоритет ѝ се даваше на болката, но во исто време и да се спасат забите да не се вадат. Пломбирањето, како и вештачките вилици, мостовите и сл. беа големо достигнување. Денес се обрнува посебно внимание и на естетиката. Целта на стоматологијата е да ги задоволи желбите на пациентите што се стремат кон перфекција. Од тие причини им се дава приоритет на квалитетот и на естетиката. Природните заби се нешто најубаво, но не очајувајте ако ги загубите. Има решение.

Најголем проблем е кога недостигаат повеќе заби, некогаш и сите. Имплантите и мостовите ја дополнуваат загубата. На прво место е ортодонцијата, за превентива, лекување. Сепак, доколку не успее тоа, протетиката е неизбежна за пристоен, попривлечен изглед и функционалност. До неодамна метал-керамиката беше врв на стоматологијата кога е во прашање убавината. Но денес и таа е напредната, во смисла на користење неметал-керамика без каков било страв за нејзино распукување во која било регија на вилицата и во индикациите за кои била потребна употреба на метал-керамиката. Во поново време се користи техниката кад-кам што важи за многу успешна. Се употребуваат готови фабрички синтерувани блокови, чија цврстина, транспарентност и сл. е различна.

Метал-керамичките заби немаат длабочина, без оглед на изработката што технички е добра, но се забележува дека се вештачки. Неметал-керамичките заби, доколку се изработени добро, тешко може да се познаат дека се вештачки, т.е. дека не се природни.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.