„Меден месец“-Обичен одмор, или гаранција за добар брак

04/06/2020

СЕКОЈ ОД НАС СЕ НАШОЛ ВО СИТУАЦИЈА БАРЕМ ДА СЛУШНЕ ДЕКА СЕ ЗБОРУВА ЗА ТРАДИЦИОНАЛНИ ПАТУВАЊА НА МЛАДОЖЕНЦИТЕ, ПОЗНАТИ КАЈ НАС КАКО „МЕДЕН МЕСЕЦ“.

 

Спонтаноста на еден таков муабет, беше повод за пишувањето на овој текст, каде што всушност дебатиравме дали месец е календарска величина или синоним за месечина. Пребарувајќи ги странските изрази, дојдов до сознанија дека италијанскиот назив за оваа традиција се нарекува „luna di miele“ (месечина од мед), додека на шпански е речиси идентично, со изразот „Luna de miel“, а капак беше општо познатото „honeymoon“ (медена месечина) од англиското говорно подрачје. Сето ова укажува дека изразот кај нас се одомаќинил согласно официјалниот спрско-хрватски јазик во поранешната држава, од каде што е наследен „месец“ наместо македонски назив „месечина“.

Сепак, не сите јазици го поддржуваат истиот стил, а најголемо отскокнување пронајдов во германскиот израз „Flitterwochen“, каде што буквалниот превод би значел „светкави седмици“.

Натамошното истражување ме доведе до сознание дека обичајот во древниот Вавилон налагал таткото на невестата да му дава меден алкохолен пијалок на зетот  колку што ќе посака! Денеска тоа се нарекува медено пиво, а дефиницијата вели дека е алкохолен пијалок создаден од ферментиран мед со вода, а понекогаш со додаток на разни овошја и зачини. Со ова, повторно доаѓаме до значењето на името, бидејќи вавилонскиот календар бил лунарен и се базирал на месечината. Во народот заживеал терминот „месец од мед“, со што се става еднаквост меѓу еден месец и еден месечев циклус.

Постојат и написи кои сугерираат дека месечината е земена како метафора за љубовта на младенците, која од таканаречена полна месечина се трансформира до граници на исчезнување. Официјалниот „Оксфордски речник на англискиот јазик“ цитира спомнување на „honey moon“ уште од 1546 година во различни литературни творби, низ кои што веќе се започнува и со користење на сложенката како ознака за извесен период, кој што има и свој крај.

Она, пак, што ние денеска го знаеме како традиција за брачни патувања, потекнува од Велика Британија, како обичај за кој се укажува дека бил особено распространет на почетокот од 19 век. Повисоките сталежи на тогашното општество правеле таканаречена „невестинска турнеја“, понекогаш придружувана и од пријатели или роднини, со цел да ги посетат роднините кои не можеле да присуствуваат на свадбената веселба. Имајќи предвид дека тогаш сообраќајот и не бил многу развиен, а на постарите лица им било тешко да патуваат, младите ја правеле таа обиколка, запознавајќи ги своите повозрасни роднини и нивните семејства.
Различни интернет написи велат дека оваа пракса наскоро се проширила на европскиот континент и во Франција станала позната под името „voyage à la façon anglaise“ (во превод: патување во англиски стил) од 1820-тите години па наваму. Полека, таквиот тренд прераснал во своевидна ознака на основите на модерниот масовен туризам. Овој период познат низ историјата и како  „Belle Époque“, по крајот на француско-пруската војна во 1871 година, па сè до почетокот на Првата светска војна во 1914 година. Најпопуларни дестинации за меден месец во тоа време биле токму француската ривиера, како и Италија, особено нејзините крајбрежни одморалишта и романтичните градови како Рим, Верона и Венеција. Обично патувањето почнувало вечерта после свадбата, а младенците заминувале директно од приемот на гости за да го фатат доцниот воз или брод.

Може да се прочитаат и информации дека дека во еврејската традиција, медените месеци често пати се одложуваат до седум дена за да овозможат славење од седум вечери ако посетите на пријателите и роднините не можат да се вметнат во патувањето.

Во 21 век, на светот му се познати и други облици на сбвадбени патувања, па така „соло месец“ или „уни месеци“ се оние во кои младенците одат на патување, но секој сам, без својот брачен другар. Според „Њујорк Тајмс“, таквите алтернативи на меден месец особено се погодни за двојките кои не можат да се договорат каде да одат или едниот од нив е спречен во дадениот период, при што како најпознат пример се зема оној од филмот „Сексот и градот“, направен во 2008 година, кога главната хероина (Кери Бредшо) го претвора нејзиниот пропаднат меден месец во Мексико, во патување со нејзините пријателки!

Умните глави кои се занимаваат со продажба, секогаш се трудат да најдат начин како да стимулираат трошење на парите и нивно циркулирање низ стопанството. Така на пример, често слушаме за „Back-to-school“ акции кои се наменети за поттик на продажбата во одреден временски период, иако некои бранши баш и немаат никаква врска со школството и едукацијата. Но, во индустријата на угостителството и хотелиерството, „медените месеци“ се веќе разработена шема, па и многу интернет сајтови пишуваат на оваа тема, а соодветно на тоа нудат и услуги на заинтересираните. На таквите сајтови (конкретно HoneymoonGoals.com) пронајдов и резултати од неодамна спроведени анкети кои ги откриваат денешните карактеристики на медениот месец.

Така, на пример, младенците во просек поминуваат по една недела на меден месец, а главна причина за неможноста да останат повеќе ја наведуваат недостатокот на средства. Најдолгиот меден месец траел повеќе од 50 дена, каде младенците патувале на повеќе дестинации, или возеле со автомобил на повеќе места или оделе на подолги кампинг патувања.

Согласно традициите, 76,4 проценти од младенците тргнале на меден месец во првата недела од нивниот брак. Од нив 30% за еден ден, а останатите ¾ во првата недела. Како најважен аспект за одбирање на дестинацијата кај младенците сепак, се покажала цената. Веднаш после неа се временските услови, а на трето место се активностите кои се нудат на таа дестинација.

На крај, најмалку важни на младенците им биле ексклузивноста и „Инстаграм-погодноста“ на дестинациите во кои сакале да патуваат за медениот месец. Во просек, младенците на својот меден месец потрошиле од 2500 до 3500 долари. Скоро половина потрошиле 2000 долари и помалку, а само една четвртина потрошиле повеќе од 5000 долари. Нова специфика е тоа што благодарение на ширењето на продажбата преку интернет, две третини од двојките „уплатиле сами“, а само 35 отсто им ја довериле организацијата на туристичките агенции. Иако многу луѓе претпоставуваат дека медениот месец е одговорност на „зетот“, всушност во доминатен е бројот на „невестите“ кои ги планирале ваквите патувања.

Со текот на времето, популарноста на дестинациите се менувала. Покрај вечно инспиративните места како Париз и Рим, гондолите во Венеција и куќата на Јулија во Верона, со фамозниот балкон под кој Ромео и се додворувал, исто така, се профилирале како места кои вљубените двојки сакале да ги видат. За оние на кои Европа им била далеку, Рио де Жанеиро, Хаваи, Мексико и Карибите им се најпопуларни места во Средна и Јужна Америка, а обратно – Монтреал во Канада се профилирал како дестинација за оние кои доаѓаат од таму во Северна Америка, најчесто поради фактот што тоа е „најевропски град“ со низа интересни фестивали, воедно втор франкофонски град на светот зад Париз.

Денеска разни извори на Интернет нудат топ локации речиси во секоја земја, дури и наменски насловувајќи го како дестинации за меден месец, а тука спаѓаат егзотични плажи во Тајланд и Француска Полинезија, но и разни замоци и бањи низ Германија. Буквално, индустријата веќе го има преземено главниот збор, па меѓу мноштвото од понуда веќе е тешко да се направи тесен избор. Индивидуалниот пристап зема замав, а со тоа персонализацијата на таквиот сон кој лесно станува јаве најчесто е по желба на младите. Светот несомнено ја прифати оваа пракса, а итрите туристички претприемачи ја популаризираа како традиција и денес тоа е „класа сама за себе“ во светот на патувањата.

И ПЧЕЛИТЕ ОДАТ НА МЕДЕН МЕСЕЦ!

Следниов текст веројатно може да биде дел од таканаречените рубрики „Верувале или не“, бидејќи нуди уште една перспектива за тоа како во природата се подредени нештата кога станува збор за буквален пример од меден месец. Имено, истражувајќи на оваа тема, дојдов до написи во кои се објаснуваат првите денови од животот на пчелата – матица. Веднаш по нејзиното раѓање во улиштето, пчелата – матица го напушта улиштето неколку дена, за да се сретне со повеќе трутови во одделни собирни места на трутовите. Таму таа е оплодена за цел живот и потоа се враќа во улиштето за да остане таму до крајот на својот век и да положува јајца. Во основа, младата матица оди на „меден месец“ и се враќа, подготвена да го живее остатокот од животот во улиштетото. Вековното практикување на пчеларството можеби довело до ваква паралела со „заминувањето“ пред да се почне нов живот во „кошницата“.

ПОМАЛКУ ШАНСИ ЗА РАЗВОД

Една научна студија од 2015 година потврдила дека одењето на меден месец се поврзува со намален ризик од развод, без оглед колку многу или малку време поминале младенците на меден месец. Од друга страна, големите трошоци и значителните задолжувања заради другите настани поврзани со свадбата, како венчалните прстени и свадбената церемонија, се поврзуваат со повисок ризик за развод.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.