Италијанската автомобилска индустрија е зачинета со малку повеќе егзотика за разлика од останатите земји производители на моторни возила. Најверојатно поради преголемата љубов кон автомобилите, долгата традиција во трките со автомобили и мноштвото од производители кои продефилирале во последниве 100 и повеќе години.
Како значаен чинител за преголемиот интерес за автомобилите и сè околу нив мора да се нагласи следново – сето наброено се случувало во соседството или безмалку во дворовите. Кога толку нешта ги имате при рака, тогаш тоа станува составен дел од животот. Така е и со жителите на Апенинскиот Полуостров. Таму културата и почитувањето кон и на автомобилите е многу голема и затоа спомнатата индустрија поседува засилена арома од бројните зачини. Еден од тие „зачини“ носи име Мацанти и потекнува од Тоскана, поточно во непосредна близина на познатото место Пиза. Оваа работилница произведува чиста егзотика, а под егзотика се подразбира, строго двосед, купе облик со раскошни линии, врати кои необично се отвораат, многу коњски сили, најквалитетни материјали кои безмалку се употребуваат само во тркачките автомобили, авијацијата и слично. Автомобилите од марката Мацанти ги имаат сите претходно напишани квалитети за да бидат дел од егзотиката на четири тркала.
Дизајнот на најновиот модел нема да го опишуваме и коментираме затоа што него најдобро ќе го оцените од приложените фотографии. Минатиот месец работилницата Мацанти го претстави моделот „евантра пура“ кој е нешто како наследник или мешавина од „евантра милекавали р“ и „евантра 781. Првиот модел е задвижуван од 7,4 литарски мотор со осум цилиндри во V. Засилен со двоен турбо компресор, моторот развива преголеми 1.122 КС. Овој модел производителот го препорачува за екстремно спортски настроените, да не речеме натпреварувачки, а за тие кои почитуваат малку удобност и луксуз, Мацанти го препорачува моделот 781.
Најновиот модел го дели истиот мотор од моделот „781“ само што силината е намалена на 761 КС, но и натаму се доволни автомобилот да постигне забрзување од 0 до 100 км/ч за само 2,9 секунди и максимална брзина од над 360 км/ч. Сета силина се пренесува на задните тркала, односно оска, преку седум степен секвенцијален менувач. Не прашувајте каде е сместен моторот, се знае, веднаш зад седиштата – спортска класика со централно сместена погонска единица.
Врвен спортски купе автомобил мора да поседува врвна цврстина на конструкцијата затоа што врз него делуваат големи сили на деформирање посебно при крајните оптеретувања. Затоа основната конструкција е направена од висококвалитетни и легирани челици, а клучните места се направени од молибден хром, како на пример „ролбарот“ во кафезот за патниците.
Големината на предните пневматици е 255/35 р 19, а на задните 315/30 р 20 и веднаш до нив се наоѓаат моќните сопирачки од марката Брембо. Тоа го нуди производителот, а на вас е да одберете боја и внатрешни материјали, кожа или алкантара и дали сè во кабината да биде во иста боја или во две – три бои.