Светски познатиот производител на луксузни спортски купе автомобили и спортски лимузини, Масерати, наскоро ќе ја претстави отворената изведба од престижното купе „мц 20“. Минатата недела беа објавени фотографии на кои се гледа по некоја линија, но ништо значајно и видливо за да може да разговараме на тема дизајн, за веднаш потоа да бидат објавени фотографии со соодветниот модел нов во сино бел маскирен дизајн. Јасно е, отворената изведба од „мц 20“ ќе биде слична на купе изведбата, но тој дел од каросеријата каде покривот од купето е отстранет, токму тој дел ја интересира јавноста.
Од Масерати засега толку, повеќе во некоја друга прилика или, пак, деновиве ќе присуствуваме на светски првичното претставување на моделот.
За крај има една мошне занимлива вест, Масерати за првпат од своето постоење ќе претстави отворен купе автомобил со средишно сместен мотор. Инаку, автомобилот е правен од јаглеродни влакна и композитни материјали и неговата конструкција е така направена да може во истата да биде вграден друг погон, електричен. Тоа значи во иднина не се потребни преправки на основата (шасијата) кога ќе вградуваат електричен погон.
Жарко Атанасоски