MASERATI GT2-ПОДГОТВЕН ЗА ТРКИ

07/07/2023

Масерати мц 20 доби брат близнак, но од малку поинаков „ков“, опремен со строго спортска опрема. Токму поради тоа го добил прекарот „гт2“, односно оваа спортска изведба ќе биде наменета исклучиво за трки и нема да биде крстосување во секојдневниот сообраќај. Сo „масерати гт 2“ производителот се враќа на тркачките патеки во континенталниот ГТ2 шампионат.

Штом е близнак тогаш не треба да потсетуваме дека тркачката изведба е правена на основа од сериската, тоа се подразбира. Малку поширок траг на тркалата напред и назад, малку поголеми отвори на предниот дел, на покривот приметлив е дополнителен всисник за воздух, а назад спојлер како што доликува на еден чистокрвен тркачки автомобил. И сега да не појаснуваме дека има поинакво подвозје кое е поинаку „навиткано“, со спортски амортизери и секако многу пониско тежиште од туристичката изведба. Сопирачкиот систем, исто така, е целосно доработен со поголеми дискови вградени на предните и задните тркала. Нивниот дијаметар напред е 390, а назад 355 мм. Тука е и спортскиот „абс“, подесив во зависност од потребите на возачот. Моторот е тој, истиот, централно сместен „нетуно“ V6 (под агол од 90 степени) со зафатнина од 3,0 литри и двоен турбо компресор. Развива 621 КС, додека максималниот вртежен момент изнесува 730 Нм. Силината се пренесува на задната оска преку секвенцијален менувач со шест брзини, за разлика од серискиот кој има роботизиран со осум степени. „Масерати гт 2“ е едносед, монокок изработен од супер лесни јаглеродни влакна, а тој материјал е присутен и на други места, а не само во одделот за возачот.

Можеби некому описот му изгледа многу истоветен како во сериската изведба, најмногу поради истата силина, но сепак севкупната конструкција е чисто тркачка со далеку подотерано подвозје и други дополнителни подесувања. Двете изведби да вртат круг на Нирбургринг, тркачката изведба ќе има подобро време со над 10 секунди. Затоа велиме дека не само што „масерати гт 2“ е подготвен за трки, туку е подготвен и за тие што во името носат „24 часа“.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.