LIGHTYEAR 0-ТРИ „СВЕТЛОСНИ ГОДИНИ“ ПРЕД СИТЕ

20/12/2022

Лајтијр, семејна (купе) комби-лимузина на сончева енергија. Така накусо можеме да го опишеме автомобилот кој наскоро треба да се појави во продажба. Лајтијр е името, а моделот е „0“, односно нула. Кога автомобилот беше развиван носеше име „уан“ (еден на  англиски) и ние пишувавме за тој автомобил во два наврати во списанието „АМСМ Клуб Мобилити“, во рубриката посветена на високата технологија. Планот беше серискиот автомобил да се појави во продажба во 2021 година, но од оправдани причини сето тоа беше одложено за крајот од годинава.

Комби-лимузината „лајтијр 0“ е долга 5,06 метри, широка е 1,9, а висока 1,43 метри. Горните делови од автомобилот се прикриени со сончеви ќелии кои треба сончевата светлина да ја претвораат во електрична енергија. Значи, тие се еден вид фотоволтаици, но во некој посовршен облик (генерација, серија). Вкупната површина на фотоволтаиците е еднаква на малку повеќе од пет метри квадратни. Дизајнот на автомобилот е доделен на италијанската куќа Гран Студио, а сончевите панели се позајмени од Солар Тим Ајдховен, дружина од 16 студенти кои веќе имаат свои возила на сончев погон. За нив ќе пишуваме во следното издание.

Светскиот рекорд во аеродинамика (коефициент на отпор на воздухот) за сериски автомобил го држи токму „лајтијр 0“, а изнесува запрепастувачки Цд 0,175, вредност која е далеку пред сите останати. Дизајнерите од Гран Студио навистина докажаа дека се мајстори на аеродинамиката, но мора да им се оддаде високо признание и на конструкторите за нивната работа, односно сѐ да биде ставено и средено под тој „0,175 оклоп“.

Производителот вели дека за време на сончевите денови ретко кога сопствениците ќе се приклучуваат во мрежа за дополнување на батеријата. Со еден ден на сонце батеријата ќе се наполни за извозување на 70 км, а батеријата држи до 463 км, додека во комбинирано надополнување со помош на сончевите ќелии километражата се зголемува до 695.

Цена? 250.000 евра за автомобил тежок 1.575 кг, со забрзување од 0 до 100 км/ч за 10 секунди и погон на сите тркала. Сепак, производителот најавува „лајтијр 2“ за драстично помалку пари, односно моделот ќе биде скоро за сечиј џеб. Барем така најавуваат, а што навистина ќе се случи, ќе дознаеме во 2024 или најдоцна на пролет во 2025 година.

Автомобилот веќе се произведува на финско тло во фабриката Валмет. Фабриката претставува гнездо на висока технологија во која се произведуваа или се произведуваат автомобили од марките: Фискер, Мерцедес – Бенц, Порше и Опел, а развива и произведува високо издашни батерии за автомобили и многу други високо технолошки производи. Една „светлосна година“ (лајтијр) е еднаква на 300.000 км/сек.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.