Денешниве автомобили со сета дигитална технологија секако се паметни возила, затоа што сè нешто вградуваат во нив со по некое програмче кое умее чуда да прави. Така секој производител во својот извештај за новинарите нагласува дека најновиот модел е попаметен од претходниот, а ние додаваме, секако ќе биде кога автомобилите од кога и да било досега имаат повеќе дигитална технологија од најсовремените играчки за деца. Ова важи за сите производители. И редизајнираната петта генерација од моделот „лс“ на Лексус ќе биде попаметна од претходните, така вели прес службата во кусото известување до новинарите. Покрај тоа, одделот за патници ќе биде потивок поради најновите решенија за изолација, а за удобноста воопшто да не говориме затоа што во најголемиот „лексус“ удобноста е донесена до крајни граници.
Со цел да остане уште околу две години во „игра“ со конкурентите, Лексус реши да го обнови својот знаменосец, моделот „лс“ за да биде во чекор со „с“ класата од Мерцедес, „седумката“ од БМВ и „осумката“ од Ауди и моделите на сонародниците, Инфинити и Акура.
Покрај спомнатите дотерувања, моделот „лс“ доби нови предни светла со нова лед конфигурација и нов браник, додека измените на задниот дел едвај се приметуваат. Конструкторите најмногу внимавале на удобноста така што и седиштата ги замениле со нови, за нијанса помеки кои подобро се справуваат и ги впиваат вибрациите. Дигиталната технологија не е изоставена туку напротив, таа е присутна на секоја педа и сето тоа во служба на сопственикот. И погонските единици се исти како во претходниот модел, има и обични бензински и хибридни.
Продажбата ќе започне кон крајот на годинава најнапред во матичната земја, а од следната година продажбата ќе се рашири низ цел свет. За нештата да ви бидат појасни, Лексус како производ на соодветната индустрија беше прогласен за производ на векот, значи не е автомобил на векот, туку „Производ на векот“ каде учество земале најразновидни направи.