За својот совршен одмор имате избор: Лефкада или Кефалонија? Ова прашање често си го поставуваат сите што планираат да летуваат во Грција и за тоа го избираат брегот на Јонското Море. Ние ќе се обидеме да ги истакнеме предностите на двата острова, а вие треба да ја изберете вашата следна дестинација за годишен одмор.
ЛЕФКАДА
Лефкада е единствен остров на јонското крајбрежје до кој можете да дојдете без да користите траект. Иако станува збор за остров, Лефкада е поврзана со копното со подвижен мост, кој периодично по потреба се подигнува за да минуваат јахтите. Значи, ако се најдете пред Лефкада во моментот кога е кренат мостот, ќе мора да почекате да се спушти. Преминот преку подвижниот мост е бесплатен.
До Лефкада патувате преку Игуменица, а за да дојдете до Лефкада треба да го следите исклучувањето за Парга и потоа патоказите што водат понатаму кон подвижниот мост. Посебна атракција за оние што летуваат во Лефкада е минувањето низ тунелот под морето и неговото користење се наплатува. Алтернатива на овој тунел е заобиколниот пат за чие користење не се плаќа, но кога ќе го пресметате изгубеното време и поминатата километража, ќе забележите дека воопшто не сте заштедиле затоа што сте потрошиле повеќе гориво за овој непотребен пат и време наместо да уживате на преубавата Лефкада. Кога ќе го поминете подвижниот мост, прво место на кое ќе наидете е Лефкас, главниот град на островот. Лефкас е едно од двете места каде што најчесто престојуваат туристите. Најголема мана на Лефкас е недостигот на плажи.
Друго популарно место е Нидри. Градот Нидри се наоѓа на источниот дел од островот, има своја плажа каде што може убаво да се плива во морето, но таа не е тоа што Лефкада може да ви го понуди. Најголем недостиг на Нидри е тоа што е најоддалечено од популарните плажи на западниот брег.
Покрај Нидри и Лефкас, може да се сместите и на голем број други места. Едно од поинтересните е Никијана. Никијана е специфична по тоа што повеќето вили имаат сопствена плажа, а тоа е голема предност ако станете мрзеливи и не сакате да се движите по островот. Ако сакате да бидете поблиску до популарните плажи, изберете места на западниот брег, но имајте на ум дека имате мал избор.
Едно од местата на западниот брег што е релативно поблиску до плажите е Агиос Никитас. Во ова место не може да се влезе со автомобил, па најчесто ќе мора да го оставите возилото на автопатот, а ако случајно сопствениците имаат паркинг, бидете Плажата Миртос, сигурни дека цената што ќе ви ја наплатат ќе биде значително повисока. Имајте предвид дека ништо во Агиос Никитас не е евтино. Главна предност на Агиос Никитас е неговата убавина, станува збор за мало место што е лоцирано по должината на една многу живописна улица. Уште поголема предност е близината на една од најпопуларните плажи во Лефкада, плажата Катизма.
ПЛАЖИТЕ НА ЛЕФКАДА
Кога станува збор за плажите, на Лефкада може да уживате на некои од најубавите плажи во Грција. Велат дека оние што биле на Лефкада, потоа имаат проблем зашто не можат да најдат такви плажи во другите делови на Грција.
Најпопуларните плажи се лоцирани на западниот брег и тие се специфични по млечно сината боја што тешко може да се види на друго место. Имајте предвид дека овие плажи не се погодни за нуркање бидејќи поради специфичната боја на водата проѕирноста е многу мала. Исто така, на плажите на западниот брег често има бранови. Тие можат да бидат многу големи и затоа овие плажи не се погодни за непливачи и за мали деца. Сепак, играњето и бркањето на брановите од брегот може да биде интересна забава за децата. Најпопуларни плажи на западниот брег се Катизма, Порто Катизма, Порто Катзики, Егремни, до кои може да се дојде само со брод. Морето покрај источниот брег на Лефкада не е како покрај западниот, но е неспоредливо помирно.
КЕФАЛОНИЈА
За Кефалонија и Грците велат дека е нивниот најубав остров. Внимателно го чуваат од масовниот туризам, така што и натаму останува единствен и чист во пејзажите и во традициите. Кефалонија ќе ве импресионира штом ќе стапнете на него.
Тоа е остров на бујно зеленило, прекрасни плажи и кристално чисти зеленикавосини води што ќе ве остават без здив. Овој најголем остров во Јонското Море се наоѓа меѓу Лефкада и Закинтос. Единствен е по зелените планини што се претопуваат во синилото на морето, уште една причина повеќе зошто станува сѐ поомилена дестинација на голем број туристи. Боровите и кипарисите ги покриваат врвовите на планината Аинос, а во нејзиното подножје има маслинови градини и лозја каде што се одгледуваат познатите сорти грозје од кои се произведува популарното вино „робола“. Како што незапирливата желба го терала Одисеј од соседниот остров Итака да отплови во белиот свет, така и вие ќе посакате да се запознаете со овој мистериозен и планински остров богат со зелена вегетација, обраснат со тенки кипариси, карактеристичен по уникатните кефалонски јадења и волшебен со пространите маслинови градини. Над синото кристално море и бујното зеленило се издигнува моќната планина Аинос, највисокиот врв на сите Јонски Острови. На многу места брегот е многу вовлечен и тука средината ја красат живописни рибарски села каде што, спо-ред многубројните посетители, се наоѓаат најубавите плажи на грчките острови.
Кефалонија е познат по егзотичните плажи, повеќето се наоѓаат на источниот брег, а меѓу нив се издвојуваат Миртос, Антисамос, Лурдас, Скала. Прекрасните плажи на овој остров биле причина поради која ова место е избрано за снимање на познатиот холивудски филм „Мандолината на капетанот Корели“ со Николас Кејџ и Пенелопе Круз во главни улоги, кој е снимен според истоимениот роман. Поради големината на островот, на плажите никогаш нема толпа, па иако важи за семејна дестинација, овој остров ги привлекува сите што сакаат да се одморат и да уживаат во неговите природни убавини.
Плажите главно се долг појас на песок и чакал, но има и многу скриени заливи што допрва треба да бидат откриени. Исто така, тука има многу можности и содржини што ќе ги задоволат авантуристите, тие ќе можат да ги истражуваат брегот и внатрешноста на островот. Плажите се погодни за различни спортови, па дури и сурферите тука ќе го најдат своето место. Љубителите на нуркањето сигурно ќе бидат задоволни од неверојатното морско дно.
Тука се и бисерите на Кефалонија што треба да се посетат, спектакуларната подземна пештера Дрогарати и езерото Мелисани, нацио-налниот парк на планината Аинос со пешачки патеки долги шест километри за љубителите на прошетките и на планинарењето, како и падините каде што живеат диви коњи. Можеби ќе имате можност на својот одмор да го видите реткиот вид желка Сврачка (педатор) или Caretta што тука нашла засолниште.
Најмувањето автомобил е императив за оние што сакаат да го прошетаат островот бидејќи јавниот превоз ретко сообраќа. Дури и возењето по кривулестите планински патишта на островот е еден вид авантура во комбинација со погледот на пејзажите и на морето.
Кефалонија ќе ве инспирира со својата интересна историја, богата култура, многубројни природни феномени што настанале како резултат на геолошките промени на островот, долгите плажи од соништата, а пред сѐ со својата оригиналност и грчката љубезност. А тука ќе најдете најмногу сонце во цела Грција. Уживајте!