Едно нешто треба да ни биде јасно во врска со Ламборџини. Денес оваа компанија е во сопственост на Фолксваген АГ. Кога компанијата реши да прави „сув“ возило, наследник на некогашниот „лм 002“, групацијата не направи засебна шасија,, туку ја позајми таа што ја имаа на која се направени моделите: „туарег“, „ку 8“ и „каен“. Малку чудно што Ламборџини нема свој ексклузивитет, но економската логика има сосема друго мислење, а тоа е „профитот пред сè“. Од 7.430 продадени примероци од марката Ламборџини во 2020 година дури 59 отсто припаѓаат на сув моделот „урус“. И покрај големиот број продадени возила кога е во прашање луксузна марка, сепак статистиката вели дека има пад на продажбата од 9,0 отсто во однос на 2019. Тој пад е предизвикан од 70 дневното неработење на фабриката поради пандемијата, но сепак има позитивно движење во продажбата затоа што во второто шестомесечие се продадени рекорден број возила откако постои марката. По модели, прв е „урус“ со 4391, „хуракан“ е втор со 2193 и „авентадор“ со 846 примероци.
Најмногу возила од марката Ламборџини и натаму се продаваат во САД, воедно тоа е и најголемиот пазар за луксузните возила. Тие купиле 2224 примероци од Ламборџини, на второ место е Германија со 607, Кина со 604 Јапонија со 600, а на домашен терен продадени се 347 примероци.
Овој податок од Ламбрџини доволно кажува за „сув“ возилата, односно тие се и натаму најбараните во светот. Возачите сакаат да возат нешто големо и не отстапуваат од тоа. Бројот на произведени сув возила во светски рамки расте секоја година. Ламборџини, 60 отсто во корист на сув наспроти 40 отсто во корист на спортските купе примероци – некој да го кажуваше ова пред две – три децении, ќе му се смеевме.
Жарко Атанасоски