Коронавирусот и автоиндустријата-Засега никој нема јасна слика за нејзината разрешница

19/05/2020

НАЈТЕШКАТА ГОДИНА ВО ПОНОВАТА ИСТОРИЈА НА АВТОИНДУСТРИЈАТА ЗА САМО НЕКОЛКУ МЕСЕЦИ ОСТАВИ БЕЛЕГ ШТО ЌЕ ТРЕБА ДА СЕ САНИРА ПОДОЛГО ОТКОЛКУ ШТО ПРВИЧНО СЕ МИСЛЕШЕ. ЗАСЕГА НИКОЈ НЕ ГО ЗНАЕ КОНЕЧНИОТ ИСХОД И ДАЛИ НЕКОИ ОД ИМИЊАТА ШТО БЕА НА СЦЕНАТА ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ИЗБОРАТ ЗА ПОНАТАМОШНОТО ПОСТОЕЊЕ. 

 

Во многу аспекти автомобилската индустрија е од суштинско значење за глобалната економија и токму таа е еден од најпогодените сектори од пандемијата на Ковид-19. Автомобилската индустрија е клучна компонента во економскиот раст и тесно е поврзана со другите индустриски гранки. Во светски рамки таа вклучува околу 30 милиони лица и со значителен дел придонесува во домашниот бруто-производ на земјите каде што тие функционираат. Во време кога индустријата се соочува со глобални промени во самото опстанување и напливот на нови трендови и технологии во секојдневниот транспорт, појавата на Ковид-19 предизвика и дополнителен стрес во автомобилскиот сектор.

Прекин на синџирот

На почетокот од март, почнувајќи од Кина, набавувачите од целиот свет ги ставија производствените линии во карантин или целосно ги затворија. Исто така, законските и трговските ограничувања, како што се затворените граници, го зголемија недостигот од потребните делови и ограничената распределба на испораките. Во тој период европските, американските и јапонските производствени капацитети беа во вонредна состојба, но сѐ уште работеа со темпо како во нормални услови. Наброзо, коронавирусот ја премина кинеската граница и почна да се шири низ цел свет. Прва жртва беше женевскиот Автосалон, каде што секоја година на штандовите блескаа најновите автомобилски креации, но организаторот го откажа настанот само два дена пред почетокот, потоа на ред дојдоа и Салонот во Пекинг и во Њујорк, а изложбата во Детроит, иако закажана за летните месеци веќе на крајот на март го откажа годинашниот собир. Знаејќи ја опасноста, повеќето производствени капацитети прекинаа со работа, а малиот број фабрики што продолжија да работат во тој период, пред крајот на месецот, поради безбедносни причини, одлучија целосно да го запрат производството. Мерките за борба со коронавирусот, како што се спроведување полициски час, затворање на фабрики, канцеларии… во  некои земји резултираа со отпуштање на работници, па дури предизвикаа и страв од рецесија поради намалувањето на бројот на продажбата.

Милионски пазар без ниеден продаден автомобил

Веќе во април беа видливи првите ефекти, односно светскиот автомобилски пазар практично потона. Во зависност од државата и од регионот, падот на продажбата се движи од 30% до максимални 98% во споредба со истиот период минатата година. Како интересен податок ќе го наведеме индискиот пазар, кој е еден од најбрзорастечките пазари во светот и има годишен пораст од еден милион возила, а поради новонастанатата ситуација на почетокот на мај индиското здружение на импортери излезе со соопштение дека во текот на целиот претходен месец не е забележана ниедна продажба на ново возило. Во критичниот период автомобилските компании се вклучија во борбата против коронавирусот и наместо од погоните да излегуваат автомобили тие почнаа да изработуваат маски, заштитни визири и респираторни машини што им ги донираа на болниците ширум светот.

На почетокот на мај, со намалувањето на бројот на заболени, почнаа да пристигнуваат и првите најави за рестартирање на производствените погони. Некои европски марки ги отворија своите врати веќе на почетокот на месецот, други производители одлучија да го вратат производството од средината на мај, додека во некои земји тоа е пролонгирано за почетокот на јуни.

Борба за понатамошно постоење

Во целата ситуација се провлекува една заедничка нишка, без оглед од каде се автомобилските компании, нивните загуби се бројат во стотици милиони евра, ако не и повеќе. Затоа повеќето од нив веќе побараа помош од националните банки или директно од државите каде што се наоѓа седиштето на компанијата. Прашањето, дали и како ќе се врати во нормала автомобилската индустрија продолжува да се развива и во моментов. Засега никој нема јасна слика за нејзината разрешница. Во период од само неколку месеци коронавирусот остави значаен белег и за да се санира ќе треба да помине подолг период отколку што првично се мислеше. Борбата за опстанок во автомобилскиот свет за некои компании станува многу интензивна, а каков ќе биде крајниот исходот ќе покаже времето.

 

Данчо Здравковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.